Кривичниот суд одлучи да му го одбие барањето за условен отпуст на Зоран Милески Кичеец и тој ќе треба издржи казната во затворот во Струга до последен ден. Тричлен совет на чело со судијата Огнен Ставрев во петокот заседаваше по неговото барање за условен отпуст. На седницата освен судиите присутен бил и директорот на затворот во Струга, кој го образложувал доброто поведение на Милески Кичеец во установата со која раководи.

Главната причина која Милески ја наведува во молбата е дека мора да излезе од затвор за да може да се врати на работа како магационер во кафе-барот „Егоист“ и да го издржува семејството. Пред да почне да ја издржува казната затвор, Милески се развел од сопругата и сега неговите пет деца живеат со мајката на Милески, која има здравствени проблеми и според барањето за условен отпуст не била во состојба да се грижи за децата.

Во барањето за условен отпуст до кое дојде ИРЛ, директорот на затворот во Струга дал позитивно мислење и навел дека „поведението на осуденикот во секој поглед е на потребно ниво“.

Осудениот користи погодност отсуство надвор од установата, од каде навреме и во уредна состојба се враќа. Воспостави и гради добри другарски односи со одмерен однос кон секое осудено лице и важи за добар другар. Спрема службените лица има коректен и почитувачки однос. Не се пројавува со здравствени проблеми, кривичното дело го признава и се кае, пишува во барањето за условен отпуст .

Во молбата нема ни збор за сообраќајката која ја направи во време кога издржува затворска казна за случајот „Рекет“. Кусо е забележано само кривичното дело.

Повеќе на ИРЛ

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.