Над 3 илјади граѓани се казнети за непочитување на мерките за заштита од почеток на ковид пандемијата. Според пресудите објавени на судската интернет страница, лицата биле обвинети за прекршување на полициски час, решенија за изолација или се групирале. Најголем дел од нив не ја платил казната во определен рок, па завршиле на суд. Казните се најчесто парични-изнесуваат од неколку стотици до максимално предвидените, 2 илјади евра.

На долгата листа, се вброи и свештеник од Битола.. Протерејот на црквата Св. Недела, Стеван Здравевски, ќе треба да плати илјада евра бидејќи иако било забрането, тој организирал фрлање на крст за празникот Богојавление. На можно прекршување на здравствените протоколи, јавноста укажуваше за сите верски собири – молитви во џамиите, црковните литии, примањето на светата причест. Но, засега попот Стеван досега е единствен казнет за прекршување на здравствените протоколи при верски обред.

Здравевски за Сител вели дека во неговиот случај биле употребени двојни аршни – се организирале и други собири но никој не бил казнет.

„Истите тие денови кога ние го прославувавме празникот, во Битола, во наша близина во Нижеполе каде има скијачки центар, општината која е сопственик на центарот, организираше таму собири за отворање на сезоната, се нудеа бесплатни карти за скијачкиот центар за ски-лифтовите, па имаше преку 3-4.000 луѓе на едно место собрани, се туркаа така речено“, рече свештеникот Стефан Здравевски

Здравевски вели дека глобата не ја чувствува како казна бидејќи после собирот на кој биле присутни околу 200 граѓани, никој од нив не се заразил со ковид.

„Не го чувствувам ова како казна туку како пофалба, пофалба дека јас сум ја исполнил мојата должност кон бога и мојата свештеничка обврска. Фала му на бога, не само што немаше новозаразени од тој настан, туку имаше многу излечени“, кажа Здравески

Освен Здравевски, според пресудата на Битолскиот суд, казни ќе треба да платат и осумтемина кои учествувале во фаќањето на крстот. Глобата за нив изнесува 500 евра.

Највисоката казна за непочитување на здравствени протоколи беше изречена за поранешната директорка на кожната клиника. Обвинителството побара глоба од 10 илјади евра бидејќи по враќањето од Италија, наместо во изолација, заминала на своето работно место.

Извор: Сител

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.