Три дена му требаа на фамозното боледување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева да пристигне кај службите во СЈО.

Последен пат на работното место специјалната јавна обвинителка Катица Јанева се појавила на 15 јули, во понеделникот, кога и си поднесе ковертирана оставка. Оттогаш за неа колегите и соработниците ниту чуле ниту пак ја виделе, како што потврди во вторникот на прес-конференцијата на СЈО обвинителката Ленче Ристоска, една од блиските сорабонички на Јанева, но и нејзина заменичка.

Јавноста овие два дена се обидува да добие информации од СЈО дали Јанева доаѓа на работа и ако не доаѓа, кое е оправдувањето, но оттаму стегаат раменици и го бараат истиот одговор.

Извори од СЈО за „Република“ брифираат дека боледувањето не патувало прекуокеански, туку обвинителството не можело да стапи во контакт со шефицата цели два дена.

Токму затоа и СЈО јавно се огради од Катица Јанева, а обвинителката Ленче Ристоска во име на целиот персонал на СЈО порача дека постапките на поединци не смеат да го загрозат интегритетот на постапките на ова обвинителство.

Од Републичкото јавно обвинителство, пак, избегнуваат да одговорат дали Јанева е достапна за истрагата со оглед на тоа дека не е достапна за колегите од СЈО. За „Република“ не сакаа да коментираат дали стапиле во контакт со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева или не, бидејќи, „во тек се истражни дејствија“.

Нам не им е проблем да стапиме во контакт со луѓето кои ни се потребни за истрагите без оглед дали имаат или немаат мобилен телефон, а во конкретниот случај не можеме да кажеме дали сме имале или сме немале потреба да стапиме во контакт со обвинителот за кој прашувате со оглед дека се во тек истажни дејствија, одговорија за „Република“ од ЈО.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.