Јанева се повика на својата чест и морал и најодговорно тврдеше дека никако не ја злоупотребила должноста што ја извршува сѐ уште во моментов.

Во врска со наводите, индициите или неофицијалните информации кои се упатуваат на мојата наводна вмешаност во случајот „Рекет“ ја користам оваа прилика да го изјавам следното: најодговорно тврдам дека ниту свесно ниту несвесно ниту со сторување ниу со несторување не сум ја злоупотребила должноста што ја извршувам во моментов. Јавно ги охрабрувам правосудните органи до крај да ги расчистат сите околности за конкретниот случај, рече Јанева.

Точно е дека многу лица од јавниот и политичкиот живот се познаваме со Бојан Јовановски. Не сум криела дека мојот син работи во 1ТВ и дека на дневна основа комуницира со лицето, но тоа не значи дека некој стекнал право да ја злоупотребува мојата службена должност и овластување за евентуално да остварува привилегии и незаконити дејства, рече Јанева и додаде дека очекува транспарентна постапка за да се стави крај на сите неофицијални информации, со кои „некој се обидува да им нашетети на мојот углед и чест“.

Контрадикторно на она што го кажа претходно, Јанева, сепак, соопшти дека подолг временски период знаела дека освен Бојан Јовановски и многу други лица го злоупотребувале нејзиното име за изнуди.

За жал, подолг временски период до мене допираат гласови дека не само Бојан Јовановски туку и многу други лица без да знам го злоупотребувале моето име за различни цели, рече Јанева.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.