Точно е дека мојот син работи во телевизијата на Бојан Јовановски, но тоа не значи дека некој стекнал право да ја злоупотребува мојата службена должност и овластување за евентуално да остварува привилегии и незаконити дејства, рече во своја одбрана специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, со што директно го пушти во оган својот син, Лазар Јованов.

Точно е дека многу лица од јавниот и политичкиот живот се познаваме со Бојан Јовановски. Не сум криела дека мојот син работи во 1ТВ и дека на дневна основа комуницира со лицето, но тоа не значи дека некој стекнал право да ја злоупотребува мојата службена должност и овластување за евентуално да остварува привилегии и незаконити дејства, рече Јанева и додаде дека очекува транспарентна постапка за да се стави крај на сите неофицијални информации, со кои „некој се обидува да им нашетети на мојот углед и чест“.

Контрадикторно на она што го кажа претходно, Јанева, сепак, соопшти дека подолг временски период знаела дека освен Бојан Јовановски и многу други лица го злоупотребувале нејзиното име за изнуди.

За жал, подолг временски период до мене допираат гласови дека не само Бојан Јовановски туку и многу други лица без да знам го злоупотребувале моето име за различни цели, рече Јанева.

Сепак, бегајќи од новинарите, Јанева не ѝ објасни на јавноста, која, како што рече, со право се интересира за „Рекет“, дали со оваа изјава таа го посочува и младиот Јанев како изнудувач.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.