Бугарско-македонската траума се храни од чувството на безизлез. Ние, Бугарите, се однесуваме кон Македонците како да сме им мајка, а тие нашата ќерка, вели во интервју за Дојче веле писателката Капка Касабова.
ДВ: Госпоѓо Касабова, во вашата последна книга „До езерото“ дејството се одвива главно на Охридското и Преспанското езеро. Таму зборувате за долгогодишната политика на разделување и како таа ги отуѓува роднините, луѓето. Процесот за кој зборувате трае повеќе од еден век. Дали продолжува и денес?
Капка Касабова: Секако дека продолжува. Сведоци сме на најновите верзии на политиката „Раздели па владеј“ во случајот на Република Македонија. Додека бев на езерото и ја пишував книгата, името од Македонија стана Македонија – нешто на што не мислев дека ќе бидам сведок. Следуваше и овој спор меѓу Македонија и Бугарија… Тоа е исто така дел од политиката „Раздели па владеј“. Моето семејство од Охрид е дел од оваа голема балканска историја, вклучувајќи и безброј мали истории. Луѓето на езерото се добро запознаени со оваа политика, сите ние на Балканот сме добро запознаени со оваа политика. Она што сакав беше да проучам како оваа политика незабележливо се претвора во состојба на умот за семејствата и поединците. Како од генерација на генерација оваа траума на политиката „Раздели па владеј“, бидејќи тоа е трауматско однесување, постепено станува дел од нашата психа. И токму од тука започнува патувањето по езерата со оваа идеја за болка. Овој синдром го нарекувам болка со големо „Б“. Болка што се пренесува од генерација на генерација и понекогаш се манифестира преку здравствени проблеми, понекогаш како прекин или раздор во семејствата. И нашето македонско-бугарско семејство е многу добар пример за ова.

ДВ: Меѓу моите предци, едниот брат се идентификувал како Грк, другиот како Бугарин. Во вашата книга пишувате за Македонија пред околу еден век, велите дека самоопределувањето повеќе се заснова на религија отколку на етничка припадност. Ова веројатно беше случај на целиот Балкан. Како се самоопределува личноста во денешно време? Дали најдовте одговор на ова прашање со вашите патувања по границите?
Капка Касабова: Тука доаѓаме до прашањето кој колку е слободен. Слободниот човек не се дефинира себе си преку надворешно наметнати етикети на етничка или национална основа. Слободниот човек може да биде потешко да се дефинира или самоопредели. Пред некој ден поминав низ едно село на изумирање во Пирин, каде што го видов македонското сонце над главната продавница – знамето на Македонија. Ми се виде интересно и ги прашав луѓето што прави ова знаме таму. Двајца постари ми рекоа: Па, тоа е затоа што сме Македонци. Ми се случи да запознаам во Пиринска Бугарија луѓе над 50 години кои велат дека се чувствуваат повеќе Македонци отколку Бугари. И ова не е национална дефиниција, туку регионална и културна. Дури и за нив тоа е можеби психо-духовна дефиниција. Тука имам и пријатели Помаци кои истовремено се дефинираат како Пиринци, Помаци, Македонци, Бугари, по различен редослед. Има такви работи на Балканот. За некои Бугари очигледно има нешто привлечно во тоа да се биде Македонец. Баба ми, која беше Македонка од Охрид, се дефинираше како Бугарка и Охриѓанка. Па дури и денес, ако некој го запознае Охрид малку повеќе од тоа да биде само турист, ќе види дека во „охриѓанството“, како и во самото езеро, има нешто вон човечките граници, вон историјата. Ме интересираат такви места и простори каде што етикетите се замаглуваат. Дефинициите се нејасни и се појавува нешто поинтересно и поголемо од нас, како што е самото Охридско Езеро.

ДВ: Колку е за вас како човек кој живеел на толку многу места, важно самоопределувањето? Дали си ставате етикета себеси?
Капка Касабова: Јас немам потреба да си ставам етикета. Никој од нас нема потреба да се етикетира себеси, освен во ситуации кога сме конфронтирани, кога има некаков надворешен притисок. И, честопати треба да се дефинираме за да им се објасниме на другите или како индивидуи или како заедници. Понекогаш треба да објаснам дека не сум бугарски писател – јас сум Бугарка која пишува на англиски јазик и иако имам три државјанства, останувам балканка на прво место. Јас не велам само Бугарка, туку и балканка, бидејќи за мене ова е многу важно – Балканот е детерминирачки фактор. Балканот е димензија што ние Балканците не ја разбираме многу добро. Ние не се разбираме себеси. Ова е очигледно во оваа политика „Раздели и владеј“, која сè уште постои и од која апсолутно никој нема корист. Таа, според мене, е на умирање, ова се нејзините последни вдишувања. Но, најважно е да се дефинирам себеси како слободен човек.

ДВ: Дали е ова клучот за разоткривање на овие бесмислени балкански јазли – спротивставувањето на етникумите и националностите, кои понекогаш се условени – за да се чувствуваме како слободни луѓе? Да излеземе од маѓепсаниот круг.
Капка Касабова: Не можеме да им ја наметнуваме слободата на другите. Тоа не е нешто што може да се препише или инјектира. Во оваа смисла, она што може да ги надмине овие ментални и физички граници е природната криза, планетарната криза на која сме сведоци. Ми се чини дека она што ќе не обедини, веќе се случува во некои случаи со оваа пандемија, ќе нè натера да ги гледаме работите малку поинаку – и самите нас и нашите соседи. Охридското и Преспанското Езеро се пресечени со тројна граница. Преспа е поделена меѓу три земји, што е апсурден резултат на политиката „Раздели и владеј“. Ова е многу балканско езеро, екосистем што не може да се оддели со граници. Тоа е микрокосмос на нашата планета, на екосистемот во кој живееме. А за да преживееме во него, мора да биде безграничен. Ми се чини дека ова е клучот за нашиот опстанок. Мислам дека границите се осудени да паднат. Убедена сум дека во следната деценија ќе бидеме учесници, сведоци на многу поинаков свет.

ДВ: Вие не сте политичар, вие сте уметник. Каков совет би им дале на политичките елити во Бугарија и Македонија како личност која ги познава душите и на едните и на другите?
Капка Касабова: Колку повеќе време минувам на јужниот Балкан и пишувам за него, толку повеќе ми станува јасно дека живееме во еден пресликан свет. Балканот е микрокосмос на Европа и светот. Сè на Балканот е поврзано и се пресликува едно со друго. Затоа, немој да му го правиш на својот сосед она што не сакаш тебе да ти го сторат, затоа што утре ќе ти дојде редот. Простувањето е многу важно и знам дека бугарско-македонската траума се храни со чувството на безнадежност и нерешливост на овие проблеми. Некои Македонци ме исмеваат, велејќи ми: „Еј, дојдовте од мајката држава, од столицата“. Но, ние Бугарите го чувствуваме токму тоа за Македонија – како Бугарија да е мајка, а Македонија ќерка. Македонија и Бугарија се како мајка и ќерка, кои некогаш биле едно и сега се разделени, дури не си ни зборуваат меѓусебе. Ова не води никаде. Во принцип, мајката треба да прости. И Бугарија, ако се смета за таква, дека е во позиција на посилен, на родител, на првенец, тогаш Бугарија мора да и прости на Македонија за сè што мисли дека Македонија и сторила или што и прави во моментот. Едниот кога ќе прости, и другиот простува. Така се создава обратното од тој пресликан свет, се создава еден благороден круг. Тоа е она што на сите ни треба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.