СЈО не си заминува, порача обвинителката Ленче Ристоска на конференцијата организирана од Институтот за европска политика ЕПИ во почетокот на јуни годинава, а нејзината најава денеска пристигна преточена во предлог-закон за СЈО. Новиот Предлог-закон за Специјалното јавно обвинителство, објавен од Министерството за правда во ЕНЕР, предвидува автономија, но и нови надлежности на СЈО – и токму тоа – дека не заминува, ами се проширува.
Со предлог-законот за Специјално јавно обвинителство, објавен од Министерството за правда на ЕНЕР, Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО), се трансформира во Специјално јавно обвинителство и се укинува членот 22 од досегашниот закон за краен рок за покренување обвинение.
Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство, може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност, гласи членот 22.
Со Предлог-законот се дополнува надлежноста на СЈО и освен кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите извршено во периодот меѓу 2008 и 2015 година, СЈО ќе биде овластено и надлежно да истражува и гони: кривични дела извршени од Претседателот на РМ, поставените амбасадори и други претставници на РМ во странство и именувани лица од Претседателот на РМ, избрани или именувани функционери во и од Собранието на РМ, во и од Владата на РМ, во судовите, јавното обвинителство, Судскиот совет на РМ, Советот на јавните обвинители на РМ, избраните градоначалници на единици на локалната самоуправа и Град Скопје, и одговорни лица во политички партии.
Со предложениот нацрт-закон СДСМ го продолжува сценариото на креирање посебни, паралелни државни органи кои имаат за цел комплетна замена на редовните, постојните органи во државата со посебни. Денешното објавување на нов нацрт-закон за СЈО од страна на Министерството за правда има за цел комплетно да се поклопи редовното ОЈО и на негово место да се инсталира старо-новото СЈО со траен мандат, вели во изјава за „Република“ професорката по уставно право Тања Каракамишева.
Исплашени од истекот на мандатот во 2019 година, СЈО очигледно притиска во Правда да се обезбеди нивни траен мандат, вели таа.
Не смее да се заборави дека СЈО се формира со ставање потпис од четирите партии: СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА, а не со одлука на Владата на Република Македонија. Затоа, Каракамишева со право прашува што натаму ќе работи ОЈО ако СЈО им ги преземе сите клучни постапувања во кривичната постапка
Нели е ова реализација на планот на Фрчкоски за тргање на постојните јавни обвинители и нивна замена со специјалните јавни обвинители, што може да очекуваме следно? Веројатно следни се судиите кои ќе добијат специјални одделенија во кои ќе се наполнат судии полтрони на власта. СДС знае дека судиите и обвинителите имаат траен мандат така што оваа операција на креирање специјални, паралелни органи покрај постојните органи е бајпасирање на државните органи и создавање органи по нивна мерка, коментира Каракамишева.
Оттука, ако СЈО беше резултат на договор меѓу четирите партии во државата, со кого сега власта ќе се договара ако опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го отфрли овој обид на СДСМ за бајпасирање на државните органи веднаш, остро, со индигнација, без колебање, категорично, неотповикливо и без нималку простор за поддршка. Одбивањето ќе ги охрабри и осумтемина пратеници кои гласаа за уставните измени и тие да го одбијат непристојниот предлог на власта. Во спротивно, опозициската партија ќе испрати сигнал дека низ преговори и со доволно притисок од надвор можеби и би го прифатила пацрт-законот на новата реалност на судска власт во Република Македонија.
Сè што е предвидено за СЈО во Пржинскиот договор, целосно е реализирано
Специјалното јавно обвинителство е основано како дел од Договорот од Пржино, постигнат за надминување на одредена кризна состојба во врска со неовластеното прислушување телефонски разговори. Во делот V, став 2 од Договорот, се предвидуваат рокови за назначување специјален јавен обвинител, негово именување и надлежност определена во посебен Закон за СЈО, кој е донесен со двотретинско и Бадентерово мнозинство на пратеници на 15 септември 2015 година. Тој ден, по предлог на четири политички партии, Собранието утврди предлог Советот за јавните обвинители да ја избере Kатица Јанева за јавен обвинител на СЈО.
Сè што е предвидено во Договорот, целосно е реализирано. Kако дел од пржинскиот договор, во Законот за СЈО се вградени одредби што се однесуваат на надлежноста, мандатот и крајниот рок за поднесување обвинение. Тоа се битни елементи од договорот.
Тоа е крајно опасно од неколку причини, а дека оваа работа не смее да помине без соодветна реакција на стручната, но и опозициската јавност, смета и Каракамишева.
Прво, ќе создаде повод да започне плетење мрежа, бидејќи ќе остави надеж дека со упорност можно е да ја постигне целта. Само брза и многу остра, јасна и неотповиклива реакција, може да ја заштити опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ од притисокот под кој ќе се скрши и ќе прифати СЈО да се наметне над ОЈО.
Во случај опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да прифати некоја верзија од предложениот нацрт-закон, тоа ќе значи политичко самоубиство и добра основа да се прошири бројот на луѓе од опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за обработка, затворање и уништување.
Наместо да се колеба, опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ треба да се бори Уставниот суд да решава за СЈО и да донесе укинувачка или поништувачка одлука за Законот за СЈО.
Одлуките на Пржинскиот договор може да ги поништи само со нов Пржински
Законот за СЈО и изборот на Kатица Јанева за јавен обвинител се предмет на посебен политички договор. Законот за СЈО и изборот на јавен обвинител на СЈО се надвор од Уставот и надвор од редовната законска процедура. Врз основа на која одредба од Уставот и кој член од кој било закон, четири политички партии утврдуваат предлог за избор на јавен обвинител? Таква одредба нема во ниту еден закон, а нема ниту во Уставот. Одредбите од договорот од Пржино не можат да се изменуваат со закон, а со тоа и крајниот рок од 18 месеци за поднесување обвинение и за запирање истражна постапка. Тоа што е утврдено во Договорот е вградено во Законот и договорот не може да се менува со закон. Доколку некој сака тоа да го стори, тогаш треба да поведе и спроведе иста процедура која доведе до потпишување на тој договор, во кој ќе се предвиди можност за продолжување на рокот.
Рокот од 18 месеци во кој Специјалното јавно обвинителство можеше да поднесе обвиненија за 34-те предмети кои ги презеде од Јавното обвинителство истече на 4 јуни 2017 година. Најголемиот дел од овие предмети се однесуваа за изборни нерегуларности. За незаконски прислушуваните материјали преземени од СДСМ рокот истече на 30 јуни 2017.
СЈО предметите и материјалите од Јавното обвинителство и од СДС ги презеде на 4 и на 30 декември 2015 година.
Специјалното јавно обвинителство досега неколку пати побара законски измени за продолжување на рокот за поднесување обвиненија. За овие измени на Законот потребно е двотретинско мнозинство, но ставот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ беше дека предвидениот рок од 18 месеци е веќе договорен и нема зошто да се менува.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.