Му благодарам на заменик-претседателот на Владата, Бујар Османи што си го покажа своето вистинско лице нарекувајќи ме “деструктивен елемент за кој ќе гледале со коалиционите партнери како да биде повлечен од Венецијанската комисија” – напиша на својот Фејсбук профил, Тања Каракамишева.

Во продолжение таа напиша:

Тој “деструктивен елемент” кој Вие сакате да го тргнете од Комисијата е професор по Уставно право и политички систем кој НЕМА ДА МОЖЕТЕ ДА ГО ПОВЛЕЧЕТЕ до 2020 година додека му трае мандатот во Комисијата.

Правилата на употреба на малцинските јазици во државите, г-дине Османи, не зависат од професор Каракамишева, ниту пак зависат од Вас, за целата среќа. Тие правила мора да бидат во согласност со меѓународните и европските документи за правото и опсегот на употреба на истите во државите.

Тоа што Вие, г-дине Бујар сакате во Македонија да важи нешто што не важи за ниту едно малцинство во светот е проблем на Вашата партија, но не и на правната наука и експертската анализа.

Како доктор по медицина, Вие Бујар очигледно немате поим за стандардите и правилата поврзани со употребата на малцинските јазици во светот.

Токму затоа Вие немате никакво право да зборувате за правните правила, а уште помалку имате право да се мешате во работата на Комисијата и хипотетички да претпоставувате кој врз кого може да има влијание при донесувањето на одлуките.

Г-дине Бујар, Венецијанската комисија не е вашето гранапче во Мала Речица каде што со Вашите финти и игри си ги создавате политичките добивки.

Венецијанската комисија е сериозно експертско тело кое на темелен и аргументиран начин ги проценува и анализира правните акти.

Вашиот коментар дека Комисијата ќе биде под влијание на моите “субјективни ставови” ја покажува вашата елементарна некултура и непознавање како функционираат институциите со кои за жал вие имате секојдневен контакт!

И да, за ваквиот Ваш срамен јавен коментар ќе бидат информирани претседателот, генералниот секретар и сите членови на Венецијанската комисија за да се разуверат во Вашиот демократски капацитет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.