Насер Зибери е избран за нов народен правобранител. „За“ гласаа 61 пратеник од вкупниот број пратеници во Собранието, како и 26 од 41 пратеник од заедниците кои не се мнозинство. На гласањето не присуствуваа опозициските пратеници. Зибери ќе ја преземе функцијата омбудсман од Иџет Мемети.

Откако беше одбиен предлогот на опозициските партии да се изостави од дневниот ред Предлог-одлуката за избор на Народен правобранител, 32. седница продолжи со расправа по предлогот на ДУИ, Насер Зибери да ја извршува функцијата омбудсман. Зибери е правник, работи како нотар, поранешен пратеник и министер, а пред шест месеци беше кандидат за премиер од партијата ДУИ која сега го предложи за  функцијата.

Токму тоа беше и најспорно за пратениците од опозициските партии, според кои се работи за „пазарење со кое владејачката партија му враќа на Зибери за неговата услуга да прифати кандидатура за прв премиер Албанец“ на изборите пред шест месеци. Бараа повлекување на предлогот зашто сметаат дека е контрадикторен и неморален бидејќи народен правобранител треба да е аполитична личност.

Од опозицијата сметаат дека со партискиот бекграунд кандидатот ќе нема доверба од јавноста, нема да ги штити интересите на граѓаните кога ќе бараат заштита од државни и јавни институции коишто ги раководат функционери и од ДУИ.

Хусни Исмаили од Алтернатива рече дека со овој предлог се жртвува правдата и иднината на граѓаните. Тој побара од ДУИ да го повлече предлогот за, како што рече, „да не ја компромотира последната надежна инстутуција“, а и самиот Зибери да се откаже од оваа кандидатура „за да не му остане дамка во кариерата“.

Го прошетаа во јулските денови по села и градови, ги издража сите страдања зашто математиката и договорот беше друг и дојде денот да се награди за трудот. Осум години народен правобранител и после да се пензонира. Лично не го познавам, но жалам што кариерата ќе ја затвори со вакви пазарења. Тој секогаш ќе биде заложник на тие што го ставиле на должноста и ова е лоша порака – изјави Исмаили.

Повлекување на предлогот побараа и Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците и неговиот сопартиец Халил Снопче, кој рече дека во член 3 од Законот за Народен правобранител е наведено дека кандидатот треба да е независен, а тоа што само пред половина година бил партиски кандидат за премиер, како што истакна, е уште еден парадокс во нелогичните феномени во државава. Снопче додаде дека независна и непартиска личност за омбудсман е особено важно за заштита на граѓаните во земја со нефункционално судство.

Од ДУИ го бранеа предлогот со укажување дека Насер Зибери ги исполнил условите и дека за кандидат за народен правобранител никаде не е наведено дека не може да се кандидира за премиер.

Насер Зибери е 20 години нотар, од 2002 година не се занимава со политика, 20 години е независен – изјави Бедри Фазли од ДУИ зборувајќи за предлогот.

Поддршка за кандидатурата во текот  на расправата искажа и пратеникот Панчо Минов, кој пофално зборуваше за Зибери како правник и пратеник.

Гордана Силјанова-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ го нарече „многу чуден предлог“ со кој  не му се прави добро ниту на кандидатот ниту на неговата кариера. Таа истакна дека од време на Рим до денес, народен правобранител е аполитична функција и не е важно дали имал пауза во политичкиот живот кога веќе бил министер, пратеник и кандидат за премиер.

Неприродно е довчерашниот политички статус да се трансформира во граѓански, неутрален и професонален и статус кој треба да им служи на граѓаните да ги штити од лошата администрација. Нема да ги штити некој кој преку партискиот мост постојано ќе биде блиску до администрацијата, а извештаите за нашата администрација велат дека е партизирана, политизирана и поданичка. Ако сте партиски човек, ќе одите по таа траекторија – рече Силјановска-Давкова.

Зибери е роден во 1961 година во Ласкарци, Општина Сарај. Дипломирал на Правниот факултет. Бил висок функционер на ППД, а од 1996 до 1998  министер за труд и социјална политика во Владата на Бранко Црвенковски. Пред да стане политичар, бил новинар. Повеќе години не е активен во политиката и работи како нотар, а за Парламентарните избори во јули минатата година беше кандидат на ДУИ за претседател на Владата, промовиран под слоганот „прв премиер Албанец“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.