Постапката за напредување на наставници од основните училишта во звање ментор, која требаше да биде целосно завршена во текот на минатиот месец, се уште трае и веќе ја следат контроверзи.

Група кандидати за наставници ментори преку отворено писмо до Бирото за развој на образованието, реагираат дека имаат сознанија за неправилности при бодувањето на кандидатите за наставник-ментор.

Проструи информација дека се давани инструкции од ваша страна, по укажување на МОН, како да се бодираат извесни наставници од страна на советниците, при тоа цели досиеја биле отворани, повторно биле преоценувани, пишува во отвореното писмо.

Надлежно за избор на наставници-ментори е Бирото за развој на образованието, кое врши увид во документацијата на кандидатите за наставниците-ментори и ја бодува нивната работа. Понатаму, Министерството за образование и наука ја составува листата со наставници кои и официјално ќе станат ментори.

Од принципиелни причини досега не сме реагирале и коментирале за сите проблеми со кои се соочивме во текот на процедурата за избор во овие месеци.
Би сакале да се чувствуваме достоинствено, но не нѐ удостоивте. Со вакво однесување го урнисавте образованието до степен на непрепознатливост, а требаше да ви биде прв приоритет.
Ќе бидеме на дното се додека политиката не ја тргнете надвор од училиштата, пишуваат кандидатите за наставници-ментори во писмо.

Правото за напредување во ментор, односно советник е регулирано со Законот за наставници и стручни соработници, а пријавувањето се врши исклучиво по објава на повик од страна на МОН, во кој се наведуваат и условите што треба да се исполнат за апликацијата да биде прифатена.

Неофицијално, околу 200 наставници во државата ќе станат ментори и ним ќе им биде зголемена месечната плата за речиси 3.000 денари.

За вкупно 355 места, на јавниот оглас за напредување во звање, кој беше објавен за време на зимскиот распуст во јануари, се пријавиле 911 наставници од сите општини во државата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.