Бизнисменот Орце Камчев, кој се јавува како главен сведок во случајот „Рекет“, потврдува дека негов е гласот што се слуша на аудио-снимките кои се појавија во јавноста. Како што вели тој во изјава за Фокус, станува збор за делови од поголем и подолг разговор, кој бил направен на средба во Бугарија кон крајот на август.

Се работи за делови од поголем, подолг разговор од кој лесно се забележува дека, за жал, тенденциозно се сечени делови кои истиот целосно го вадат од контекст, а тоа придонесува да се создаде погрешна перцепција и погрешни заклучоци за кажаното. Тоа е разговор кој се одвиваше оваа година кон крајот на август на вечера во Бугарија, а за време на тој разговор бевме присутни четворица од кои јас и уште двајца можеме да потврдиме дека тоа не е целосниот разговор воден тогаш и дека сечените делови оставија многу простор за погрешно толкување на она за што се зборува. Во истата насока, целосно изваден од контекст е и делот со „наводните закани“. Никогаш во животот ниту сум се служел ниту ќе се служам со закани, а најмалку од се, како родител, татко на две деца би си дозволил да кажам и да упатам закани кон нечии деца. Сметам дека целта на изнесените разговори во јавноста е комплетно друга, односно, е обид на оној кој ги снимил да се умилкува кај одредени структури, бидејќи најверојатно со соочувал со поголеми проблеми кога ги снимал, па, играјќи на овој начин, сметал дека ќе добие позитивни поени – вели Камчев, додавајќи дека објавувањето на овие разговори е неетички.

Воедно, тој најавува дека во однос на правниот аспект во целост ќе соработува со Основното јавно обвинителство и дека ќе ги достави сите информации со кои располага во корист на истрагата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.