Барање за укинување на мерката притвор или заменување со мерка куќен притвор побара одбраната на бизнисменот Јордан Камчев денеска на рочиштето на кое продолжи судењето за случајот „Плацеви на Водно“ на кое се изведуваа материјални докази од Обвинителството. Самиот Камчев рече дека Обвинителот во шест одговори со кои го одбива ова барање го крши законот и повтори дека нема фирми во земјите за кои е наведено за што имал и докази.

Јас Јордан Камчев татко на две малолетни деца кои не сум ги чул и видел седум месеци ќе ве замолам да го погледнете членот 150 и да ми одредите согласно законот, секоја разумна кауција во ефективни пари, банкарска гаранција и или пак хартии од вредност,  за да не настане господине судија ист случај како што настана пред 5-6 години кога во предметот којшто го водеше истата обвинителка под наслов „Шпион“ еден од обвинетите со карцином до последен ден беше изживуван во затворот во Шутка  и почина таму. Ќе се случи не дај боже нешто и со мене па потоа ќе има, односно не мора да има грижа на совест, рече Камчев.

Вели дека кога имал времен пасош во рок од шест месеци, од месец мај 2019 година, до месец ноември 2019 година го искористил 56 пати, за службени патувања.

Последниот пат кога го користев пасошот Почитуван судија, тоа беше четири дена пред истекот на пасошот. На министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски преку заеднички пријател му пуштив порака дека заминувам службено итно во Истанбул и дека ќе се вратам после два дена. Постојат пораки до Министерот, којшто ќе ги потврди, кога се вратив дента пред да ми истече пасошот го информирав и му се заблагодарив.  Е толку е од бегството на Јордан Камчев од Република Македонија. Јас сум одговорен граѓанин во оваа држава, кој што плаќам даноци, којшто вработувам луѓе и за да не настане проблем лично го информирав министерот дека заминувам на пат и се враќам, и ја депонирав патната исправа во суд кога истече рокот. Да сум сакал да бегам Почитуван судија, ќе бегав од оваа земја, изјави Камчев.

Вели дека за се има докази и дека на Прочка добил порака, на 13 март 2020 година во 8 часот и 40 минути, донесен во Судот за да го уапсат.

Откако, падна во вода фамозната белешка на ерменската АНБ на Република Македонија чија работа и беше воајерски да се занимава со ситуации во Берово, наместо да ги следи тројцата службеници од ОБСЕ што прават со Република Македонија, со името и тоа што не требаше да го прават, јас на Прочка добив, на најголемиот христијански празник порака, на 13 март 2020 година во 8 часот и 40 минути, донесен во Судот да ме уапсат. Не можеа да го направат тоа ни во понеделникот, ни во вторникот ни во средата, знаеја каде сум, не сум бегал, сум бил тука. Сето тоа беше смислена добра акција  да ми се прати порака на Прочка, сите знаете што е Прочка заради предметот Рекет и заради конструкцијата што беше правена околу моето рекетирање на фамозната СЈО на чело со Катица Јанева, Лиле Стефанова и Бојан 13, вели Камчев.

Се осврна и на другиот предмет Империја и рече дека за него с еводи истрага 43 месеци.

И од кога се предадени предметите до Републичкиот обвинител од страна на СЈО, поминати се 22 месеци. По сите законски одредби, рокови, се живо е надминато во однос на тој случај. Било што и да имала обвинителката, после 43 месеци, до сега ќе подигнела обвинение. Не знаејќи што да прави, 45 месеци во истрага ми го наведува како дел од притворскиов предмет во Плацеви. Па ако не е срамота, е трагедија, рече тој.

Тој вели дека се надева дека Советот на јавни обвинители или Јавната обвинителка која што е за организиран криминал ќе ја уважи нивната жалба и ќе ја изземе обвинителката Лиле Стефанова од нивните предмети затоа што, како што рече, постои личен  анимозитет кон нејзе и нејзиното семејство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.