Македонската амбасада во Загреб е на годишен одмор. Никој нема на работа. Единствениот телефон на кој некој одговара е телефонот на почесниот конзул на Македонија во Хрватска, професорот Горан Калоѓера. „Што правам деновиве? Еве, читам, гледам филмови, одам со Бранка на кафе, „шетам по фејс“ и изигрувам портир на македонската амбасада во Загреб… Сите се на годишен одмор. А луѓето кои бараат помош, Хрвати и Македонци, го наоѓаат мојот број и ми се јавуваат…“, напиша на својот фејсбук профил Горан Калоѓера.

Неговиот пост во целост:

„Утрово се сретнав со пријател, отидовме на пијачка и тој ме прашува: Како ги поминуваш овие жешки денови? Му велам, одлично, читам, гледам филмови, одам со Бранка на кафе, „шетам по фејсбук“ и изигрувам портир на македонската амбасада во Загреб. Па, како, прашува тој? Убаво, му одговарам, сите од амбасадата се на годишен одмор и луѓето кои бараат помош или совет, Хрвати или Македонци, го наоѓаат мојот број и ми се јавуваат. Јас ги прашувам зошто не се јавувате во Амбасадата. Луѓето одговарааат дека само мојот мобилен број е достапен. И тогаш се случува она што не треба да се случи. Нормално е дека и луѓето од Амбасадаата треба да одат на годишен одмор, меѓутоа не сите. Би требало да се направи некаков распоред, за барем некој да се јавува на телефонот. Се сомневам дека во американската, руската, британската, словенечката амбасада во Загреб, сите, туто комплето, се на годишен одмор!

Но, тоа е помалку важно. Важно е дека сите кои се јавуваат бараат некаков податок или нешто за што почесниот конзул не може да го стори затоа што нема никакви овластувања ни можности за да помогне. Навистина, има сериозни повици за кои треба итна реакција од вработените во Амбасадата кои тоа можат да го решат – потврди, дозволи, смртни случаи, патувања на хрватски спортисти или гости во Македонија… да не набројувам. Она што можам да го направам е да им дадам информација и ништо повеќе, а на сите посериозни повици им одговарам да се јават на личниот мобилен на господинот Џафери. Зошто? Не за да му го расипам одморот, туку затоа што тој е платен да ги решава овие проблеми, а не јас“, напиша Калоѓера.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.