Правосудниот систем трпи политички притисоци, судството треба да престане да чека одлуки од политиката, смета претседателот на Хелсиншкиот комитет, професорот Гордан Калајџиев. Тој како голем проблем ја спомена поделеноста во правниот систем. Како проблематични ги наведе обвиненијата поднесени од СЈО по истекот на рокот за такво нешто, велејќи дека ако судиите одлучат по насоките од Врховниот суд, да ги отфрлат обвиниенијата поднесени по предвидениот рок од 18 месеци, ги чека критика, меѓу другите и од Министерството за правда.

-Судството ако сака да покаже дека е судство мора да пресече по право, не по политички. Значи досега овие прашања цело време ги решаваме по политичка позадина. Значи навивачи не знам за СЈО, против елитата не знам што се гони. Мора правно, судот да тргне по правото, а судиите како што гледам во овој момент меѓу чеканот и наковалната, изјави Калајџиев.

Калајџиев говореше и што би било со СЈО доколку биде донесен новиот закон за Јавно обвинителство. Според него ако било одлучено дека истрагите требало да сопрат, тогаш нов закон не може тоа отпосле да го промени, потенцирајќи дека доколку се оди обратно, таквите обвиненија би паднале во Стразбур.

-Судиите мораат да пресечат по закон, бидејќи, ги гледам дека се внатре и поделени, баш ме интересира како ќе се разреши приказната. Во секој случај новиот закон не може да ја разреши, бидејќи тој не може наназад да уреди дали некој истраги треба да продолжат, ако истрагите требале да сопрат, не може нов закон отпосле да ги продолжи, изјави Калајџиев.

Опозицијата и власта се уште не можат да постигнат договор околу законот за Јавно обвинителство, а најголема кочница во моментов е Катица Јанева, опозицијата вели дека таа мора да замине од СЈО поради прекршување на законот, а власта пак не ја дава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.