Власта покажа дека не е подготвена да се соочи со големи афери и инциденти каков што е случајот „Рекет“, вели професорот по кривично право од Правниот факултет во Скопје, Гордан Калајџиев

Гледаме дека случајот се развлекува, опфаќа само некои од инволвираните иако е очигледно дека има поддршка во политичките структури, ние не знаеме до каде тоа би одело, бидејќи тоа е очигледно и од самиот имиџ на учесниците во постапката и на тоа како тие се користеле позадински со влијанијата со коишто се користеле. За жал, постапката трае долго и имаме една недовршена истрага која кај јавноста остава сериозни сомневања дека системот и натаму е политизиран, селективен и не е подготвен да се соочи со расчистување на високиот криминал и корупција, вели Калајџиев за Детектор.

Поранешниот пратеник Павле Богоевски вели дека се согласува дека Рекет е најголемата афера во последните неколку години и дека не оди во прилог на зголемување на довербата на граѓаните во институциите. Богоевски смета дека случајот „Рекет“, во делот за противправното влијание е чист и дека тоа е заокружено. Според него, треба дополнително да се истражат сомневањата за перење пари и наводните измами со изградба на старечки домови. Сепак, вели дека е оптимист.

Во овој момент јас немам причина да се сомневам дека се бараат сторителите. Истрагите за перење пари и истрагите на поголеми организирани криминални групи по својата природа траат подолго. Иако ја разбирам скепсата којашто ја имаат граѓаните и професорот, во овој момент јас сакам да бидам оптимист и да верувам дека овие истраги ќе вродат со конкретен плод и ќе ги идентификуваат конкретните политичари и функционери кои што можеби биле инволвирани во таа криминална група, вели Богоевски за Детектор

Во емисијата Детектор која ќе се емитува денеска по вестите во 16:00 на Сител, ќе биде објавено истражување на јавното мислење за аферата „Рекет“, СЈО и владеењето на правото.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.