Денес видовме како изгледа исплашен човек, човек соочен со поразот, а после поразот следува и одговорност за него и неговиот тим за сите злодела и потенцијални кривични дела кои што се сторени, порача на денешната прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски зборувајќи за Зоран Заев како и новите аудио и видео бомби кои откриваат негова поврзаност со криминал.

Николоски порача дека една работа е сигурна, дека Зоран Заев паѓа како што паѓаат и неговите лаги.

Денес Зоран Заев требаше да одговори каква релација има со неговиот директор Ден Дончев, во однос на очигледниот рекет кој што го виде целокупната македонска јавност?
Каква е поврзаноста на Заев со првата снимка на македонски политичар кој што зема пари пред камера?
Дали со тоа што дозволи Ден Дончев нечепнато да се повлече од директорската позиција, практично Зоран Заев овозможи амнестија за овој човек, знаејќи што правел? Затоа што најверојатно го правел во координација со Заев. Дали тоа беше причината поради која што Зоран Заев дозволи нечепнато да се повлече Ден Дончев од директорската позиција?
Каква е улогата на адвокатот на Зоран Заев кој што го слушнавме денес во разговорите? За него многу се слушаше, денес еве добиваме и потврда.
Зошто упорно молчи Заев за рекетот од над 6 милиони евра и видеата и снимките кои што беа објавени? Ова се баснословни суми за сите македонски граѓани, за сите они кои што ги слушаат. И зошто ги релативизира овие прашања и не бара одговорност од неговите луѓе? Одговорот е едноставен, затоа што одговорноста завршува со нив, потенцираше Николоски.

Николоски потсети кога Заев пред неколку години правеше сцени и театри со објавување на разговори за каква боја на плочки некој имал во сопствениот стан, но, додава, деновиве кога гледаме разговори и видеа како некој си става пари во торба, и како се разговара за баснословни суми на пари, за одговорност не зборува.

Според Николоски, многу е едноставно зошто – затоа што одговорноста завршува кај него.

Што се однесува до неговите ветувања исто како што лажеше за 500 евра плата, и исто така лаже и за 500 километри автопати кои што никој не може да ги види затоа што едноставно ги нема. А, по македонските патишта кои што се најлоши во целиот регион секојдневно за жал се губат животи. Лажеше и за носењето на живот во Македонија, за жицата, за името и за бетон идентитетот, сега лаже и за овие избори.
Денес дознавме дека и ДУИ му пречи, иако 3 години братски владее со нив и направи коалиција во последен момент. Заеднички тогаш се договорија и ја нарече братска коалиција, а после три години пу пу не важи. Ама во овој период заеднички и братски воведоа двојазичност во Македонија, го променија името и ја продадоа историјата, се со цел да можат да владеат и да си го покриваат криминалот кој што почна да излегува затоа што криење на криминал нема, потсети Николоски.

Потенцираше дека народот не е со кратко паметење, и народот ќе го казни СДСМ на овие избори жестоко.

Многу пожестоко од тоа што тие мислат и се надеваат во овој момент затоа што расположението на луѓето е јасно, имаме наместо план за живот, план за измами, кражби, корупција.
Она што ни треба во овој момент е обнова, а обновата ќе дојде и ќе победи. Следува програма со над илјада проекти и со најсилен фокус во економијата која што ќе даде одговори на клучните прашања. На народот му треба подобар живот, повеќе пари за подобар живот, му треба правна држава, му треба функционален систем на владеење на правото, му треба подобро здравство, и пред се ред. Ние тоа ќе го постигнеме и оствариме заедно со граѓаните по победата на изборите, порача Николоски на прес-конференцијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.