Не беше тоа кој знае кога, само пред недела-две, великиот евроатлантски ум на „Северна Македонија“, Стево Пендаровски, нашиот водач „напред“, во интервју тврдеше дека во 2014 година загубил од Ѓорге Иванов зашто тогаш бил режим, немало демократија, изборите биле не знам какви, ете сме чуле и од снимките, лифтови се заглавувале и што ли уште не. И кога било така, не е ни чудно што тој освоил само 326 илјади во првиот круг, а Џоле расипаниот некои 100 илјади повеќе.

И пак го слушаш човекот, и уште еднаш и уште еднаш, враќаш назад и пушташ одново па слушаш, и ти доаѓа саклма на душата, солзи на очите, сакаш малку да си поплачеш над неговата тажна судбина и да го проколнеш клетиот му душман кој на ова момче, види ти, доктор на правни науки кој, додуша, допрва учи лекции за амнестија, ама нели, се учи додека си жив, тогаш му ја украл победата. И си велиш, замисли каде ќе бевме, да не му украдеа тогаш на Стево. Кој, сега сфаќате, зошто Заев-зајченце го нарече сидро. Кое се движи.

Но, клетиот душман не спие. Ги вади бројките. И ете, тогаш кога на Стево-сидро режимот му ја украл победата, тој да ми ти освоил 326 000 гласови во првиот круг. Гласовите на Иванов, веќе рековме 100 и нешто илјади повеќе. Но ете, наш Стево да ми ти го краделе, а тој сепак освоил 326 000. Алал вера момче.

И така депримирано, сидрото не ни можело да мрдне во вториот круг. Јасно. Иванов победил. Ама, ете, тркало се врти нели, пет години подоцна. Стево е на власт, Заев исто така, и наспроти времето на режимот, сега во државата цвета. Цвеќе. Цвеќе кое, како што вели Заев – „блеска“. И кое и држи лекции на Европа. По однесување, по манири, по балови, но и по демократија. Цвеќе кое блеска и држи лекции и по економија. Кои Германците, кои не оценија со нула, не ги разбираат. Оти се глупави Шваби. Од каде пак они разбираат што значи тоа да блескаш и да држиш лекции по економија, кога знаат само за работа.

Да не зборуваме за судството. Тоа на Кацарска и Рускоска. Кое се отворило. Како пупка. Не знам зошто ми се згадува „суратот“, што би рекол Стево, кога ќе ми текне на ова со пупка, со отворање, со Кацарска и Рускоска, ама тоа е веќе друга приказна. Со ноќни кошмари.

И така со свртено тркало, со ѓаволот кој дошол да им ја земе душата на небањатите кои не се разбираат од Европа и од НАТО, со исушената рака на оној чија ќеркичка ја раниме во Хаг, со Вице, со Кочо, со замиени швалерки, со Мира дизел, со Рада Прада, со нејзините другарки од ВМРО, со министерот Смрт – референдумски гласач, кој станал ортак по советување на Филипче викан „морбили“… и да не редиме натаму, дојдоа и овие избори. Во слобода и демократија. И ете го Стево пак. Е, сега ќе видите чија мајка… нели?

И доаѓа недела, одиш мирно преку ден негде да пиеш кафе со пола цигара од која во пепелникот има три филтер отпушоци, па на Цветници сфаќаш како Исус со еден леб нахранил 5000 луѓе, полека си ја полниш душата, доаѓа вечерта, се честиш и нешто благо, нека врескаат лекарите колку сакаат и седнуваш да чекаш резултатите. А велат мајтапчиите, па и оние кои не се мајтапчии, треба да се искористи ефтината струја за бањање, ама остај тоа, ти чекаш резултати.

И ете ти ги тие за Стево сидро и гледаш, па си велиш: „Дерковски мати нешто“. Оти ова е верно, ама и не е. А не е верно, оти не е можно.

Па пак гледаш, па ти се матат бројките и ете ги уште еднаш тие кои велат дека на 97 отсто ливчиња, Стево наш освоил 309 000 гласови. Потоа чекаш, дошло еден часот, ај си велиш до сабајле е ефтината, може да се чека, ете ги 99,95 отсто ливчиња и Стево освоил 323 000 гласови. И одземаш, собираш, па правиш равенка, па пак одземаш, ама како и да свртиш Стево има три илјади помалку кај Заев отколку кај Грујо. А Грујо не е тука. Спиро е во Шутка или го пуштиле, кој знае, оној Смрт е на нивна страна, Миле „прилепскио“ час е во притвор час е на слобода, Гордана, онаа со мерцедесот, не оваа Силјановска, си има други гајлиња, Сашо дома ли е, на слобода ли е…, а Стево пак со нив бил поарен од денеска. Односно од вчера. За 3000 гласови. Тогаш 326, вчера 323 илјади. Ех, Грујо, Грујо.

И си ја ставаш раката на глава, малку се почешуваш, оти си одел по улици со денови, си фрлал оние, како ли ги викаа си заборавил веќе, си фарбал со боја, си се тепал со полиција, си плачел по амбасади, додуше си ставал и по некое евро в џебот, ама… оти бил режим и оти си го уривал. И требало да го уриваш зашто на Стево му ги украле гласовите. Ама тогаш кога му ги укрлае, тој имал повеќе од денес, кога не му ги украле. Кога блескаме. Кога не знаеш од кого попрво да побараш да те посвои. И пак ја ставаш раката на глава, пак се чешаш и си велиш, онака, ама баш онака: Кој е овде луд, а кој е збунет, ‘баму мајката!


Колумна на Дарко Јаневски за Денешен.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.