Како претседател на Државната изборна комисија во 2004 година, Стево Пендаровски бил организатор на еден од најголемите изборни фалсификати на најнерегулларните избори во историјата на Македонија – преку која Бранко Црвенковски стана претседател на Република Македонија. Изборите беа на работ на нерегуларноста, со 53.6 проценти излезност, а ги одбележа крајно висока излезност во поголем број албански села додека на изборните набљудувачи не им беше дозволено да го надгледуваат полнењето на гласачките кутии.

Само погледнете ги бројките на излезнот на изборите, во западниот дел на земјата, како се движеше излезноста на Албанците и како овие гласови скоро сите отидоа кај Црвенковски. Дури и целосно неинформиран набљудувач може да ја погледне мапата на излезност и да разбере што се случило тука. А Пендаровски беше организатор на овие претседателски избори. Црвенковски подоцна го награди Пендаровски и го именуваше како свој советник по изборите, вели новинарот Цветин Чилиманов во неделната радиоемисија на англиски јазик со Џејсон Мико.

На мапата се гледа исклучително висока излезност на изборите во општините Гостивар и Тетово, како и нереално високата поддршка за
Бранко Црвенковски наспроти противкандидатот Сашко Кедев. Изборите се одржаа по смртта на претседателот Борис Трајковски. Советникот на
Трајковски, Стево Пендаровски, беше именуван за петседател на Државната изборна комисија за овие избори, како и за референдумот за територијалната поделба подоцна истата година. Двата избори се карактеризираа со висока стапка на неправилности која беше забележана и од страна на набљудувачите на ОБСЕ, но бидејќи во дипломатските кругови се сметаше дека Црвенковски треба да биде претседател, а референдумот треба да пропадне со ниска излезност, Пендаровски ја одигра улогата на организатор на два нелегитимни изборни процеси.

Излезноста во првиот круг изнесуваше над 935.000 гласа, но откако албанските кандидати Гзим Острени и Зиди Џелили отпаднаа од трката, во
вториот круг Црвенковски се мачеше како да го победи Кедев така и да ја постигне потребата излезност. На помош му дојдоа „брзи прсти“ гласачите од албанските средини, па така бројот на гласовите за Црвенковски порасна од 385.000 во првиот круг на дури 550.000 во вториот круг. Излезноста сепак беше само 53.6 проценти, односно одвај 3.6 проценти повеќе од тогаш потребните 50 проценти.

Во извештаите на ОБСЕ се содржани шокантни податоци за тоа како Пендаровски ги организирал изборите на кои победи неговиот иден шеф Црвенковски. Така, забележано е дека „на 21 процент од гласачките мести, процесот на броење на гласовите бил лош или многу лош“, што укажува дека имало масовно полнење гласачки кутии на една петтина од избирачките места, со цел да се стигне цензусот за Црвенковски да биде избран за претседател.

Набљудувачите пријавија намерно фалсификување на резултатите во седум проценти од избирачките места. Во уште 7 проценти од гласачките места, на набљудувачите не им беше дозволено да ја извршат својата работа во целост, пишува во извештајот на ОБСЕ за изборната „кланица“ на Пендаровски. Типични гласачки места во кое се фалсификувале резултатите, наведува ОБСЕ, се пет локации каде што гласањето било поништено. На овие места, од вкупно 3.316 гласови со кои биле наполнети кутиите, Црвенковски добил дури 3.205.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.