Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев покажа отворени амбиции да го преземе ВМРО-ДПМНЕ.

Економски Лидер“ од својата архива објавува стар текст за Јанчев, во кој објаснува како семејството Заеви добило градежни парцели од кавадаречкиот градоначалник. Порталот најавува дека во следниот период ќе објави серија вакви текстови кои се објавени за Јанчев.

Оваа вест е од 09.13.2018:

Компанијата „ТОТАЛ ИНЖЕНЕРИНГ“ во која единствен сопственик е Вице Заев – брат на премиерот Зоран Заев – добила 3 градежни парцели на атрактивна локација во Кавадарци на која ќе гради комлекс на стамбени згради. Цената која Вице ја платил на државата за да го откупи земјиштето на оваа атрактивна локација е толку ниска, што може да се отплати само со продажба на еден стан!

Градежната експанзија на Заеви во Кавадарци уште еднаш го потврдува новото сојузништво помеѓу градоначалникот Јанчев од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот од СДСМ, Зоран Заев.

Кавадаречкиот градоначалник изјави дека ќе му помага на премиерот во борбата против опструкциите на уставните измени кои ќе ги прави лидерот на неговата партија, Христијан Мицкоски.

Јас и Никола Тодоров ќе му помогнеме на премиерот Зоран Заев против опструкциите кои ги планира, Христијан Мицкоски, кои имаат за цел да ги саботираат уставните измени – изјави Јанчев на 27 ноември.

Вице купил три парцели на ексклузивна локација по цена за еден продаден стан!

Стамбениот комплекс кој ќе го гради „ТОТАЛ ИНЖЕНЕРИНГ“ во Кавадарци, се наоѓа во близина на клиниката во градот, покрај обиколницата и реката „Луда Мара“.

Сите парцели се купени на 05.06.2018, на неколку месеци пред разрешувањето на Митко Јанчев од функцијата потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и официјалното обзнанување на “коалицијата“ Заев-Јанчев.

Компанијата на Заеви, парцелите ги купила на јавно надавање во општина Кавадарци, но симптоматично е тоа што на ова јавно наддавање не учествувала ниту една друга компанија, иако, во Кавадарци има десетици фирми кои биле заинтересирани за локацијата.

Како што неофицијално дознаваме, Јанчев и партнерите на Заев од Кавадарци, на другите компании им велеле да не учествуваат за да немаат проблеми, па така за 3 парцели за изградба на згради, Вице Заев платил само 44.000 евра.

Цената по која компанијата на Заеви го купила земјиштето е 1520 денари за еден метар квадратен. Вкупната површина на парцелите е 1784 метри квадратни, за нив на државата и се платени вкупно 2.711.680 денари (44.092 евра).

Ако се има предвид дека цената на становите во Кавадарци се движи од 600 до 750 евра за метар квадратен, излегува дека целата инвестиција во земјиштето на „ТОТАЛ ИНЖЕНЕРИНГ“ ќе му се врати само со еден продаден стан. За споредба, од градежните компании велат дека трошат до 30% од заработката од сите продадени станови, само за да го исплатат земјиштето.

Документите од катастар го потврдуваат „бомбона бизнисот“ на Заев и Јанчев

Сопствеништето врз сите три парцели, компанијата на Вице Заев веќе си го има внесено во катастар, со импотниот лист со број 18770.

Парцела 1:
Склучен договор на 05.06.2018.
Градежна парцела бр. 1.5, Катастарски парцели бр. 10164/15, 10164/5,10163/11, 10163/4, КО Кавадарци 2.
Површина од 528 м2, за изградба на станбени згради со деловен простор.
Почетна цена од 1380 денари, постигната цена 1520 денари по м2.

Парцела 2:
Склучен договор на 05.06.2018.
Градежна парцела бр. 1.3, Катастарски парцели бр. 10164/3,10163/2, КО Кавадарци 2.
Површина од 710 м2, за изградба на станбени згради со деловен простор.
Почетна цена од 1380 денари, постигната цена 1520 денари по м2.

Парцела 3:
Склучен договор на 05.06.2018.
Градежна парцела бр. 1.4, Катастарски парцели бр. 10164/4, 10163/3, 10163/12, 10164/17, КО Кавадарци 2.
Површина од 546 м2, за изградба на станбени згради со деловен простор.
Почетна цена од 1380 денари, постигната цена 1520 денари по м2.

*Практично, сите парцели се отуѓени по почетна цена, без конкуренција и наддавање. Разликата од почетната цена до постигнатата е зголемување за 10% колку што е задолжително чекорно наддавање согласно законот.

Извор: Економски лидер

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.