Националната платформа за онлајн учење која треба да се користи од 1 октомври кога почнува новата учебна година во Македонија обезбедува учење на пет јазици: македонски, албански, турски, српски и бошњачки. Платформата денеска беше презентирана во Владата, на прес-конференција на која присустуваа претседателот на Владата Зоран Заев и министерката за образование и наука Мила Царовска.

Платформата е изработена во соработка на МОН со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и со помош на МАСИТ.

Симулацијата која беше претставена на денешната прес-конференција, покажа дека на платформата ќе може да се гледат и да се користат сите аудио и видео материјали, како и брзи квизови и тестови.

Царовска најави дека и самите ученици ќе може да ја дополнуваат и надградуваат платформата, со што ќе се овозможи заедно со наставниците директно да учествуваат во унапредување на образованието.

Во тек се обуките на наставниот кадар кои се спроведуваат на три наставни јазици (македонски, албански и турски) и на три нивоа – прво се спровела обука на обучувачи, кои потоа обучувале 1.600 наставници за училишни обучувачи, односно кои ќе работат со сите останати обучувачи.

На крај таа ќе се тестира на ниво на пилот – училишта.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.