Од Брисел денеска добивме многу добра вест. Европската комисија препорача почеток на преговорите со Северна Македонија. Ви честитам за тоа и за напорите и посветеноста, но и за жртвите што ги направивте во изминатиот период, рече евроамбасадорот Самуел Жбогар на денешната прес-конференција во седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

Тој истакна дека минатиот јуни лидерите на ЕУ поставија јасен пат за отворање на преговорите оваа година, пред се, продлабочување на реформите во неколку области и побараа од EК да подготви извештај за тоа.

Она што денеска го презентираме не е само вообичаен извештај за напредокот, туку и извештај за исполнетите услови поставени од државите членки на ЕУ во јуни лани. Еврокомерсарот Хан кажа јасно дека земјата ја искористи шансата што и беше понудена и ја спроведе поставената амбициозна агенда, истакна Жбогар.

Земјата, како што посочи, ги исполни сите услови и забележа резултати во повеќе области, а тоа се владеење на правото, судството, борбата со корупцијата и организираниот криминал, реформа на јавната администрација, реформа на разузнавачките служби и на јавната администрација.

Дополнително, како што рече Жбогар, беше постигнат и историскиот Договор од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија.

Според него, земјава треба да продолжи да испорачува видливи резултати во клучните области како судскиот систем, борба против корупцијата и криминалот, јавната администрација. Сега. како што рече, е постигнат добар напредок, но напорите за унапредување во овие сфери треба да биде постојан.

Во земјата, потенцира Жбогар, се демонстрира волјата постојано да оди напред, подобрена е културата на компромис во политичкиот пејсаж преку напорите на Владата да бидат опфатени сите чинители во општеството, вклучувајќи ги опозицијата и граѓанскиот сектор на еден инклузивен и транспарентен начин.

Подобрена е улогата и на Парламентот, како форум за конструктивен политички дијалог, истакна евроамбасадорот додавајќи дека тој ја има зајакнато својата надзорна и законодавна улога, а ги има намалено и случаите на скратувањето на процедурите при носењето на законите.

Евроамбасадорот Жбогар истакна дека климата за слободата на медиумите и слобода при изразувањето продолжи да се подобрува, но, како што посочи, потребни се трајни напори за подобрување на независноста и професионалните стандарди на јавниот радиодифузер, како и неговата финансиска одржливост. Од суштинско значење, рече, е јавните служби и политичките елити да демонстрираат високо ниво на толеранција во однос на критика на нивното работење за да се задржи слободата на изразувањето.

Во однос на напредокот областите содржани во заклучоците од минатата година споменати од страна на Советот на ЕУ, Жбогар истакна дека во правосудството е направен добар напредок во однос на адресирање на ургентните реформски приоритети и препораките содржани од Венецијанската комисија и од експертската група на Прибе. Дополнително, рече, државата продолжи посветено да работи на унапредување на судскиот систем, а спроведувањето на новата законска рамка претставува цврста основа за континуиран напредок во оваа сфера.

Освен законските измени сите судски институции ќе треба да дадат пример и да демонстрираат придонес за дополнителен напор за возобновување на довербата на јавноста во судството. Потребни се и дополнителни напори за намалување на ризиците од политички притисоци, истакна Жбогар.

Тој ги охрабри систе страни што побрзо да најдат решение за новиот Закон за јавно обвинителство во кој ќе биде инкорпорирано и СЈО, за, како што рече, да можат да продолжат случаите на гонење висок криминал и корупција во кој се вклучени високи службеници.

Евроамабадорот вели дека новата законска рамка за борба против корупцијата се подобрува, а оти назначувањето на новите членови во ДКСК е направено многу потранспарентно отколку претходно. Комисијата, посочи Жбогар, презема значајни чекори за поактивно да се бори против корупцијата која што вклучува и високи функционери во политичкиот жвиот.

Во врска со реформите во разузнавачкиот сектор, тој истакна дека тие се направени во соработка со НАТО и други парнери на земјава, и оти е избран соодветниот модел, а законската рамка за воспоставување на национална безбедносна агенција е веќе донесена.

Добар напредок, рече Жбогар, е постигнат во однос на спроведувањето на реформите во јавната администрација, но, потенцира, дека препораките на Комисијата од 2018 година во однос на вработување врз основа на заслуги и отворена конкурентност останува да биде влаидна, особено во однос на назначување на високи функционери или раководители.

Почитувањето на принципот на транспарентноста и на регрутирање и на вработување врз основа на заслуга останува и понатаму, рече Жбогар истакнувајќи дека се уште има наводи за непотизам и политички назначувања.

Меѓуетничката состојба во земјата, истакна евроамбасадорот, е мирна наспроти одредени тензии во врска со Законот за употреба на јазиците кој, како што рече, придонесува во заокружување на имплементација на Охридскиот рамковен договор.

Земјата, според Жбогар, има активна и конструктивна улога во управувањето со мешаните миграциски приливи, а остварува добра соработка со државите членки на ЕУ и соседните држави.

Во однос на економските критериуми тој рече дека економскиот раст по година стагнација продолжи да се зголемува. Функционирањето на пазарот на труд и недостиг на работната сила , како и сивата економија останува со одредени проблеми и претставува предизвик за деловното опкружување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.