Кај си бе срцка?  Леле наочарите како ти стојат.

Со овие зборови бил дочекан Боки 13 во затворот Шутка, тврди авторот на видеото за кое вели дека е снимено за време на пристигнувањето во затвор на Бојан Јовановски. Снимката со наслов „Дочек на Боки тредичи во Шутка“ е објавена пред три дена, а потекнува од пред  еден месец кога на осомничениот за случајот „Рекет“ му беше одреден притворот.

Од управата на затворот за Сител потврдуваат дека снимката потекнува од казнено поправната установа и велат дека веднаш бил пронајден и одземен мобилниот телефон од затвореникот кој го снимил видеото. Дополнително, тој е префрлен во кумановскиот затвор, вели Директорот, Есад Рахиќ.

Неодамна во јавноста се појави и фотографија за која се тврди дека е од дневната прошетка на Јовановски во затворот. Освен него, се гледа уште едно лице а на краевите од фотографијата се видливи затворските решетки.

Од управата на затворот велат дека постојано се прават претреси во одделенијата но додаваат дека јавна тајна е оти во установата има мобилни телефони кои затворениците успешно ги кријат. Рахиќ вели дека во внесувањето на телефоните, помагаат и вработени во затворот.

Фотографии од притворените во Шутка не се реткост. Претходно, Јавноста ја погледна и прошетката на поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, додека беше во притвор. Тогаш беше утврдено дека тој бил фотографиран од полицаец за кој внатрешната контрола на МВР поведе дисциплинска постапка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.