Пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски денеска на прес конференција посочи дека партијата се грижи за граѓаните, додека пак ВМРО-ДПМНЕ удира по џебот на граѓаните за провизии.

Во време на најголема економска и енергетска криза Владата предводена од СДСМ и премиерот Димитар Ковачевски преземаат навремени мерки за заштита на граѓаните и фирмите. Обезбедени се храна, струја и енергенси за претстојната зима. Владата субвенционира 80 отсто од сметката за електрична енергија за над 600.000 домаќинства и над 70.000 мали и средни компании. Со мерката за основните и средните училишта кои се префрлаат на регулираниот пазар, обезбеден е наставниот процес со физичко присуство во зима – вели Каевски.

Тој додава дека поевтина електрична енергија е обезбедена и за болниците и здравствените установи.

Парно во Скопје ќе има за целата грејна сезона благодарение на тоа што го презема Владата откако ВМРО-ДПМНЕ покажа неспособност и се откажа. Додека СДСМ и Ковачевски преземаат мерки за надминување на енергетската криза, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се посветени на тендери и провизии. Последно, се скараа за тендер од 136 милиони евра во Скопје и самите се фатија со рацете во медот. Скопје и општините кои ги раководи ВМРО-ДПМНЕ стојат една година, не се реализираат проекти. Шпицниот градоначалник Мицкоски со неговите градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ вртоглаво ги покачуваат комуналните услуги и директно брцаат со рацете во џебот на граѓаните, вели Каевски.

Напоменува дека секаде каде што е ВМРО-ДПМНЕ локална власт се покачуваат локалните комунални услуги, на штета на граѓаните.

Во Прилеп комуналните услуги се покачени за 67 отсто, во Штип за 40 отсто, во Велес јавниот превоз е зголемен за 40 отсто, додека во општина Охрид покачени се и јавниот превоз и комуналните услуги.
Наместо мерки за помош на граѓаните и работа, шпицниот градоначалник Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ мислат на тендери и удираат по џебот на граѓаните. Тоа е голема, суштинска разлика. СДСМ се грижи за граѓаните во време на криза, шпицниот градоначалник Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се грижат само за тендери и провизии, вели Каевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.