Судијката Добрила Кацарска вели дека е згрозена од сведочењето на обвинтелката Лиле Стефанова, која денеска на судењето за „Рекет“ рече дека пристисоци за бизнисменот Орце Камчев доаѓале од сите страни, а со име ја спомена судијката Кацарска.

На почетокот на истрагата за “Империја” притисоците доаѓаа од повеќе места. Се јавуваа политичари, бизнисмени, судии, обвинители.. и кај мене и кај Јанева. Тогаш и Јанева не се интересираше за предметот, а нејзиниот интерес се појави во декември кога бараше повеќе информации, рече Стефанова.

На прашањето на адвокатот Сашко Дуковски, дали тој судија е во Кривичниот суд, Стефанова рече:

Тоа е судијката Добрила Кацарска. Не се јави лично кај мене, туку кај колега, рече обвинителката Стефанова.

Судијката Кацарска во изјава за „Фокус“ вели дека категорично го демантира кажаното.

Згрозена сум. Ми се јавија колеги, зошто после 38 -годишен стаж прв пат не сум на работа, бидејќи сум многу болна. И колегите кои ми се јавија се згрозени. Категорично демантирам дека сум правела пристисоци, па тоа не е мое ниво, јас да се јавувам на Стефанова или да сум праќала други луѓе. Морам да видам што точно е кажано и ќе размислам за тужба за клевета и навреда, изјави судијката Кацарска за „Фокус“.

Таа истакна дека не и е јасно и кој во судница дозволил вакви прашања, односно за тоа дали некој ургирал, наместо обвинителката да кажела што знае за рекетот.

Бидејќи обвителката Стефанова рече и дека судијката Кацарска била во судот од рано утрото до следниот ден кога се одлучувало за притворот на Камчев, судијката вели:

Од јануари 2018 година до јули 2019 година секој ден бев на работа, и сабота и недела. Секој ден стигнувам во 8.00 часот, а не си одам во 12 часот, јас работам. Останувам и до 23 часот вечерта и подоцна, кога се пишуваат пресудите, а се случуваше и до тогаш да трајат и рочиштата, за што и новинарите се сведоци, рече Кацарска, која додаде дека имала уште многу да каже, ама дека немало да се спушти на тоа ниво.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.