Шефот на државата Стево Пендаровски досега во својот мандат најчесто давал делумни помилувања, со тоа што им крател три до осум месеци од казните на осудениците, додека целосни помилувања давал само кога здравствената состојба на лицата е во животно загрозувачка.

Ова е дел од објаснувањето кое го објавија од кабинетот на претседателот по последната одлука за помилување, објавена вчера во Службен весник, а со која се опфатени пет лица, од кои само едно е целосно, а другите се делумно помилувани.

Помилувањето е институт кој има корективна функција. Дејствата што ги предизвикува помилувањето се овозможување и забрзување на ресоцијализацијата на осудените лица, а со тоа и остварувањето на целите на казнувањето и извршувањето на казната. Претседателот Пендаровски, во текот на неговиот мандат потполни помилувања има дадено само во ситуации кога граѓаните кои ги бараат се во животозагрозувачка здравствена состојба. Потенцираме дека претседателот Пендаровски најчесто дава делумни помилувања односно 3-8 месеци, и тоа во случаи кога граѓаните кои бараат помилување имаат за отслужување уште неколку години од казната, и кога во нивните случаи биле исполнети горенаведените предуслови, велат од кабинетот на Пендаровски.

За петтемина помилувани, меѓу кои и членот на собраниското обезбедување Абдулфета Алими од случајот „27 април“, за кој Зијадин Села тврдеше дека му го спасил животот, оттаму нагласуваат дека сите ги исполнуваат условите и за сите Комисијата за помилувања дала позитивен предлог. Еден од помилуваните, нагласуваат од кабинетот, не е повратник од странски боишта.

Во однос на предметите опфатени со последната одлука за помилување на осудени лица, Комисијата за помилување даде позитивен предлог. Лицето Абдуљфета Алими, кој има добиено делумно ослободување од понатамошно извршување на неиздржаниот дел од казната затвор, во траење од осум месеци, ги има исполнето условите предвидени со Законот за помилување и воспоставената пракса. Александар Петровски, потполно се ослободува од понатамошно извршување на казната затвор, бидејќи станува збор за граѓанин со тешка и животозагрозувачка здравствена состојба. Не станува збор за повратник од странски боишта, велат од кабинетот.

Од претседателскиот кабинет нагласуваат дека основните предуслови некој да биде помилуван се во насока тој да има добро поведени, да покажал каење за стореното дело, да почнал со отслужување на казната и да не станува збор за повторник или лице кое има повеќе дела за кои треба да одговара и во иднина.

Оттаму објаснуваат дека постојат и два вина на помилување:

Редовни, односно кога лица и граѓани на земјава индивидуално испраќаат молби за помилување до Министерството за правда, кои потоа се доставуваат до кабинетот на претседателот, односно Комисијата за помилување која детално ги разгледува и потоа му доставува предлози на претседателот;
Групните помилувања се втора категорија и за нив постапката се одвива двапати годишно, за 2 Август – Илинден, и новогодишните празници. За групните помилувања, предлозите до Министерство за правда пристигнуваат од казнено-поправните домови, а не по индивидуални барања на лицата кои отслужуваат казна.
И за групните, како и за редовните помилувања, предлозите ги доставува Министерството за правда до Комисијата за помилување, која доставува мислење до претседателот кој потоа одлучува за секој случај поединечно.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.