Државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски ќе биде нов уставен судија. Јовевски е еден од тројцата фаворити на власта, потврдува за ТВ24 висок владин функционер.

Според истиот функционер Јовевски прифатил обвинителската фотелја да ја замени, со фотелја во Уставен суд. Тој е вториот кандидат по Фатмир Скендер кој што ќе биде кандидиран од мнозинството во Собранието до крајот на месецот.

Јовевски кој што службено е отсутен од државата, преку смс за ТВ24 порача дека изборот за уставен судија доколку ја добие поддршката на пратениците би му бил голем предизвик.

Чест е да се биде уставен судија и тоа е највисокиот дострел на секој правник. Одлуката ја носат пратениците и доколку тие сметаат дека со моето долгогодишно правничко искуство во Министерството за правда, како судија и како претседател на Основниот суд Скопје 2, јавен обвинител, член на Совет на јавни обвинители и државен јавен обвинител, можам да придонесам во работата на Уставниот суд, ќе ја прифатам оваа одговорна функција, изјави за ТВ24 Јовевски.

На списокот фаворити според планот на власта требаше да се најде и генералната секретарка на Собранито, Цветанка Иванова, но според информациите на ТВ24 од Илинденска број 2, Иванова отпаднала од фаворитите.

Причината како што брифира висок владин функционер е нејзиниот партиски „бекраунд” во СДСМ и функциите кои ги извршувала како дел од оваа партија.

Со оглед дека официјална кандидатура немаше, Иванова досега не сакаше да коментира за неофицијалните информации за нејзиниот можен избор.

Мнозинството засега нема потврда за третиот кандидат, кој ќе треба да го заземе местото што било планирано за Иванова.

Услов за кандидат за уставен судија е кандидатите да немаат партиска припадност. Дека тоа се очекува од новите судии според информациите на ТВ 24 јасно го порачале и дипломати и од САД и од ЕУ.

Поради јавното ажурирање на партиското членство во СДСМ од листата на кандидати отпадна и битолскиот адвокат Васко Талевски.

Уставниот суд наместо со девет одлучува со шест судии и претседателката Добрила Кацарска неколкупати јавно порача да се побрза со изборот за судот да има полн капацитет.

Според информациите, неделава тоа и лично го побарала од мнозинството во Собранието.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.