Никој нема да биде заштитен и лицата ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Се разбира дека има уште многу работа, а дел од работата треба да завршат другите органи,изјави вечерва државниот обвинител Љубомир Јовески за прееметот„Двојник“ со издавањето на нелегални пасоши, потврдувајќи дека Јавното обвинителство ќе ја прошири истрагата за предметот.

-ОЈО Скопје по поднесувањето на обвинението до МВР побара дополнителни известувања за начинот на организација на издавањето на овие патни исправи, за лицата кои постапуваат по тоа, за информациониот систем итн. Најпрво треба да се утврди кои лица имале допир со овие документи, кои лица може да ги креираат овие документи, како е поставена целата служба, кои какви задачи и овласувања има во таа служба, кој ја носи одговорноста за функционирањето на таа служба и дали тоа постапување било во рамки на прописите кои го регулираат внатрешното работење на МВР, вели Јовески во гостувањето на Топ тема на ТВ Телма.

Побарано е и, додава, да се утврди околноста колку од овие пасоши се искористени, колку од нив се искористени при преминување на нашата државна граница, колку во странските земји.

-Можам да ве уверам дека Обвинителството сериозно и одговорно ќе го испита до крај овој случај. Воопшто нема дилеми дека Обвинителството сака да го забошоти или да не дојде до повисоките структури во рамките на МВР доколку имало или дека нема тие сторители да ги гони. Кога ќе обезбедиме ние докази за кој било без разлика на позицијата, на местото на кое се наоѓа, бидете уверени дека ќе преземаме дејствија согласно законот и надлежностите на тоа обвинителство. Никој нема да биде заштитен и лицата ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Се разбира дека има уште многу работа, дека дел од работата треба да завршат другите органи, можеби дел спаѓа и под Внатрешната контрола на МВР,  вели Јовевски.

Во однос на оценката на Стејт Департментот за доцнењето со работата на Обвинителството за некои предмети, Јовески рече дека податоците во извештајот се објективни, и дека веќе разговарал со раководителите на обвинителствата за надминување на слабостите.

-Внимателно го прочитав извештајот на Стејт Департментот во делот на обвинителството и истакнав дека објективни се тие податоци и токму заради тоа одржав онлајн состанок со раководителите на јавните обвинителства во државата за да ги согледаме овие состојби, за да ги детектираме проблемите и да најдеме решенија за надминување на овие состојби.  Исто така, побарав и податоци во делот за секое обвинителство и за секој обвинител за предметите во кои се пробиени овие рокови.  Веднаш да истакнам дека овие рокови се од инструктивен карактер. Имаат за цел дисциплинирање на јавните обвинители во определен период да ги завршат истрагите. Но, постојат по мене и објективни и субјективни слабости кога станува збор за времетраењето на постапката, рече Јовески.  

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.