Не ја делам оценка дека Обвинителството постапува селективно и дека подлегнува на политички влијанија. Доколку Обвинителството е под политички влијанија, веројатно немаше да отвори предмети против носители на јавни функции, вели државниот јавен обвинител Љубомир Јовески во интервју за МИА.

Јас повеќе пати сум нагласил дека не ја делам таквата оценка и секогаш ја илустрирам со неспорни податоци дека ние во последниве години имаме обвинето потпретседател на Собранието, имаме обвинето генерален секретар во Министерство, имаме покренато постапки против судии и јавни обвинители и против други носители на јавни функции, потенцира Јовески.

Посочува дека е свесен сум за перцепцијата во јавноста оти Обвинителството е под влијание на политиката и определени моќници, но, како што додава, цело време се залага и уверен е дека обвинителите сами ги носат своите одлуки без надворешни влијанија.

Цело време се залагам јавнообвинителските одлуки да се носат во Јавното обвинителство, да не зависат од политиката или од определени финансиски, економски или било какви центри на моќ, нагласува државниот јавен обвинител.

На прашањето зошто кај нас истрагите траат предолго, Јовески вели дека не се согласува со оваа констатацијата, притоа посочувајќи го предметот „Ласкарци“ за кој Обвинителството во рок од три месеци ја заврши истрагата.

За жал и во тој случај животите ги изгубија повеќе наши граѓани. Ние поднесовме соодветно обвинение, но судската постапка трае подолго време. Информиран сум дека некаде околу 100 рочишта се закажани или одржани, но нема судска одлука, истакна тој.

Според тоа, како што нагласи Јовески, во овој случај вината не треба да ја бараме во Обвинителството, туку да се види во делот на закажувањето и подготвеноста на овие рочишта за да може да се донесе судска одлука.

Говорејќи за несреќата во „Модуларната болница“ во Тетово, Јовески посочи дека се прибрани речиси сите докази и дека се чека експертизата од германските експерти.

Обвинителството веднаш отпочна со преземање дејствија во делот на утврдување на определени факти и докази. На обвинителите од ОЈО Тетово како помош им беа упатени двајца дежурни јавни обвинители од ОЈО Скопје. Познато е дека во тој дел за соработка се понудија и германски експерти и ние тоа го прифативме. Исто така на располагање на колегите кои ја водат истрагата им ставивме и четворица обвинители од Вишите јавни обвинителства од Скопје и Гостивар, за да можат со нив да се консултираат доколку наидат на определени проблеми и потешкотии во прибирањето на доказите, рече Јовески.

За автобуската несреќа во Бугарија во која 45 македонски граѓани ги изгубија животите, државниот јавен обвинител информира дека во ОЈО Скопје е оформен предмет за да се испита дали некое службено лице од надлежните органи имало определени дејствија што требало да ги преземе, а не ги презело, или пак преземало определени дејствија за кои не било овластено да ги преземе.

Таа постапка се уште се води во Обвинителство, се прибираат докази и откако ќе ги собереме сите докази ќе донесеме јавнообвинителска одлука, најави државниот јавен обвинител.

Јовески истакна дека веднаш штом бугарските колеги го известиле за трагедијата се упатиле на местото на настанот.

Сакам да нагласам дека истрагата за овој случај ја води Обвинителството на Република Бугарија и благодарејќи на добрата соработка со нив, ние бевме за време на увидот на сообраќајната трагедија, а потоа ни допуштија да учествуваат и овластени лица од нашето Министерство за внатрешни работи, од Институтот за судска медицина и криминалистика, рече Јовески.

Откако Обвинителството на Бугарија, како што додаде, била побарана определена правна помош, од македонска страна за неколку дена било обезбедено сослушување на сведоци, документација во делот на превозникот, во делот на автобусот, но исто така и други документи, а во исто време Институтот за судска медицина и криминалистика отпочнал со земање биолошки траги од блиските на починатите за да може да се изврши нивна идентификација.

Државниот јавен обвинител истакна дека чувствува за потреба да ја појасни работата на Јавното обвинителство бидејќи, како што додаде, често не наидуваат на разбирање кај јавноста. – Обвинителите сами не можат определени дејствија да преземат, упатени се во делот на соработката со други надлежни институции, на пример определени докази, факти, околности се прибираат од други институции и таа постапка подолго трае, рече Јовески.

Тој информира дека со формирањето четирите истражни центри на ниво на државата, во ОЈО Скопје, во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција во Скопје, во ОЈО Тетово и во ОЈО Гостивар ќе се обезбеди поголема ефикасност на Јавното обвинителство.

Со нивното функционирање ќе се обезбеди поголема ефикасност на Јавното обвинителство во делот на прибирањето на доказите и истрагите, а особено се создаваат основи за преземање на дејствија од страна на самиот јавен обвинител без да чека тие дејствија да ги преземат надлежните органи, истакна Јовески.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.