Јавниот обвинител на РМ, Љубомир Јовески, не открива детали за основите на кои го донел Решението за оддалечување од функцијата на шефицата на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ЈО-ГОКК), Вилма Русковска. Од Јавното обвинителство за „360 степени“ велат основите се детално образложени во решението што ѝ е доставено на Русковска.

Во соопштението на обвинителството од пред два дена (16 август ’22) пишува дека Решението е донесено врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство и дека обвинителот се оддалечува од функцијата „додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против наведениот обвинител“.

Со оглед на ова, „360 степени“ постави прашање до обвинителството која конкретна кривична постапка ја имал предвид јавниот обвинител на РМ кога го донел решението? Прашавме и ако станува збор за кривичната пријава понесена од Управата за финансиска полиција на 8 август 2022 г., зошто Јавниот обвинител на РМ решил да ја искористи таа пријава како основа за донесување на Решението за оддалечување од функцијата, а не постапил на ист начин во многу други ситуации во кои се поднесувани кривични пријави против јавни обвинители?

Од обвинителството го добиле следниот одговор:

Решението за оддалечување од функцијата е образложено и доставено до јавниот обвинител на кое се однесува. Во него се наведени основите за оддалечување и временскиот период во кој јавниот обвинител се оддалечува од функцијата. Со оглед на тоа што наведениот јавен обвинител има право на жалба на донесеното решение, Јавното обвинителство не е во можност да навлегува во деталите од донесеното решение. Сепак, истакнуваме дека образложението е поткрепено со конкретен опис на дејствијата заради кои ваквата мерка беше неопходна во конкретниот случај, особено имајќи ги предвид наодите од неодамна извршениот надзор и увид во постапувањето на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Мерката – времено оддалечување од функцијата е предвидена во Законот за јавното обвинителство, каде во членот 81 стои дека ‘јавниот обвинител може да биде оддалечен од вршењето на јавнообвинителската функција за време додека трае кривична постапка против него или кога е поведена дисциплинска постапка’. За примена на оваа мерка Јавниот обвинител на Република Македонија одлучува во секој случај поединечно, во зависност од специфичните околности и можноста за влијание врз постапките.

Целиот текст на 360 степени

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.