Буџетот на Обвинителството за оваа година е зголемен за околу 14 отсто, истакна државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески во интервју за МИА. Тој нагласи дека во минатата година биле вработени 60 јавно-обвинителски службеници од кои најголем дел стручни соработници, а сега, како што вели, за оваа година Обвинителство има објавено оглас за 72 стручно административни работници.

Состојбите на овој план се подобруваат, не само заради заложбата на Обвинителството, туку и заради разбирањето и на извршната и на законодавната власт во земјата, за потребите на Обвинителството и за алиминтирање на неговите потреби за да може да биде поефикасно во извршување на својата функција, истакнува Јовески во интервјуто.

На прашањето како ја оценува состојбата од аспект што Поглавјата 23 и 24 кои се однесуваат на владеење на правото и фундаменталните права и практично се првите кои ги оценува ЕУ во однос на нашата земја, Јовески вели дека е неспорно оти на целиот правосуден систем на државата му се неопходни реформи.

Но, кога зборувам од аспект на Обвинителството, морам да кажам дека во последниот извештај на ЕУ се бележи напредок во делот на борбата на организираниот, на тешкиот криминал. Исто така, се нотирааат и определени задачи и за Обвинителството и за државата во делот на спроведување на Стратегијата за правосудни реформи, а Обвинителството има донесено, така да речам, темелни акти во делот на стратегијата за човечки ресурси по која постапува, исто така Законот за Јавно обвинителство по кој се донесени подзаконските акти, а уште се работи и на систематизација на Обвинителството, истакна Јовески.

Според него, не е занемарлив ниту податокот дека Обвинителството треба да посвети повеќе внимание на информатичката технологија и управувањето со предметите.

Ние постојано преземаме дејствија во рамки на нашите надлежности за подобрување на состојбите во Обвинителството. Во тој контекст сакам да нагласам дека дел од застарената информатичка опрема е обновена со наши средства и со средства од ИПА фондовите. Пред нас претстои и сериозен предизвик од надоградба или измена, целосна измена на системот за управување со јавно-обвинителските предмети, потоа за неопходноста од едукација на вработените и јавните обвинители во делот на користењето на оваа технологија, рече државниот јавен обвинител.

Тој укажа оти има недостиг од електро-инженери и техничари, кои се неопходни за успешно извршување на тој дел од работите на Обвинителството.

Само да илустрирам дека во ова Обвинителство се вработени двајца електро-инженери, а додека од четирите апелациски подрачја вработени се тројца електро-инженери коишто се надлежни за цело подрачје на Јавното обвинителство. Во неколку наврати сме објавувале конкурси за прием на информатичари, но очигледно дека нема интерес кај луѓето со оваа професија за извршување на работите во Јавното обвинителство. Ќе мора околу тој дел и државата и Јавното обвинителство во натамошниот период да посвети сериозно внимание за да може навистина да имаме подобри резултати и да се вклучиме во европските процеси“, рече Јовески.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.