За период од 30,5 години независност Македонија имала 19 министри за образование!!! Замислете фирма во која за 30,5 години се смениле 19 генерални директори. Што ќе си помислите за таква фирма – па овие немаат ниту визија ниту план, не знаат каде одат.

Ова во својата последна колумна го пишува економистот и некогашен потпретседател на СДСМ, Зоран Јовановски.

Кога човек е болен и има температура, тогаш температурата е само последица на нешто друго што се случува во организмот. Има лекови за спуштање на температурата, ама секој добар доктор знае дека за вистинско оздравување треба да се утврди причината за температурата и таа причина да се разреши.

Една од главните теми деновиве во нашето општество деновиве е штрајкот на наставниците во основните и средните училишта и воспитувачите во градинките. И разговорот во најголем дел се одвива околу тоа колкави се платите, како се менувале, дали се доволни или не, итн. Тоа е погрешен пристап. Нашето „образование“ е болно. Барањата за зголемување на платите во образованието и штрајкот се само температурата, последицата на „болеста“. Причината е друга и додека таа не се разреши, сè ќе биде привремено, до следната „температура“.

Знаете ли колку министри за образование имала земјава од моментот кога станала независна? Нема да ви се верува. За период од 30,5 години независност имала 19 министри за образование!!! Замислете фирма во која за 30,5 години се смениле 19 генерални директори. Што ќе си помислите за таква фирма – па овие немаат ниту визија ниту план, не знаат каде одат.

Во изминативе 30,5 години министер за образование во просек се менувал на секои 1,6 години. Само еден министер истерал цел четиригодишен мандат. Во текот на целиот период од 1991 година досега просечната старост на министрите за образование во моментот кога стапувале на функција била 40,4 години. Од 2000 година наваму немало министер за образование кој имал повеќе од 45 години кога ја презел функцијата, а 8 од нив биле во своите 30-ти години од животот. 

Нашето „образование“ се наоѓа на маргините на општеството, речиси заборавено од сите. Изгледа дека изминативе децении било третирано како монета за поткусурување во политичката „распределба на колачот“ помеѓу коалициските партнери, а не како еден од столбовите на државата и на македонската економија. Затоа е такво, „болно“ и има висока „температура“.  

Целата колумна на „Економија и бизнис

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.