Политичкиот аналитичар близок на СДСМ Ненад Јовановиќ во обидот да го оправда Зоран Заев за своите ставови кон Бугарија вели дека граѓаните го потценуваат премиерот кој се обидел да го реши спорот со Софија.

Само што ги погледав видеата на премиерот Заев дадени за бугарската БГНЕС. И, сега да ве прашам, онака човечки и пријателски: „море, луѓе“, што би рекол Талат, вие арни сте, или некои големи фолиранти сте?! Што е проблемот со интервјуто? Нормална човечка памет, разумен цело време, адресира на братски народи, повикува на пријателство, соживот, соработка, градење на коридори, железници, продлабочување на култура, спорт, гасовод, зајакнување на економија…, „анализира“ Јовановиќ.

Понатаму тој прашува: Што сакате од Заев, еј, море, луѓе?!

Заев ли да ни ја толкува историјата на 20 век? Заев ли да ги решава двата тоталитаризми: комунизам и фашизам? Абе, море, луѓе, што ви е на вас?! Па цели институти за историја на Оксфорд и Кембриџ тоа не можат да го направат, цели институти за историграфија, а не пак Заев тоа да го решава. Па дури и кога Заев би бил Тони Старк од Ајронмен, тоа не може да го реши и расчисти. Море, луѓе, одете бре да се истуширате со ладен туш, добро ќе ви дојде, пишува во својата теза Јовановиќ.

Да расчистиме и да се вратиме во фокус, вели Јовановиќ, според кого Заев е тука за да повикува на искрено пријателство, а во „очите му се гледа дека е искрен, да нуди перспектива, да ги продлабочува односите со Бугарите, да ги отвара границите, да работиме и  „пичиме“ со 200 на час…“.

Затоа е Заев тука, а за тумачење на историја не е ниту гласан, ниту има мандат да расправа за тешки идеолошки ујдурми, карамболи, бељи и револуции на 20 век; век на најголемите идеолошки лудила во историјата на човештвото. Разбирате ли? На Заев тоа не му е во описот на работните задачи.
Всушност, причината не е во Заев, денешното хистеризирање е апел за нова шанса за рушење на владата, предизвикување на општа констернација и гадење, оти, нели, премиерот лошо ја толкувал историјата.
Стисни ги, Зоране, тие фолиранти, и мака да си немаш. Ич да не ти чуе. Ќе те рушат во Лимбург месец кога врбата ќе роди грозје.
ПС.
А за тие што мислат дека му барам функција на Заев, треба да знаат дека јас сум веќе на функција (цели 42 години): дел сум од високата ложа на светските велосипедисти, сиц!, пишува Јовановиќ.

Јовановиќ бранејќи го премиерот неочекувано поставува прашање дали ако Македонците се вистински антифашисти треба својот антифашизам да го користат за судир со Бугарија.

Многу е глупаво да се потценува премиерот затоа што со сите сили се обидува да го неутрализира конфликтот и да го реши билатералниот спор со соседите. Во ред е тоа дека нашата државност почива на антифашизам, ама ако сме вистински антифашисти, тогаш треба заеднички да ги бараме точките на поврзување со Бугарија, а не нашиот антифашизам да го користиме како сретство за создавање на конфликт со другиот.

Од друга страна, ако играме со историски наративи, ќе видиме дека мноштвото Европски земји кои денес ја сочинуваат Европската Унија, односно во времето на 41-45 година на минатиот век, припаѓаа на Мусолини и Нацистичка Германија. И што да правиме со тоа?! Ќе речеме дека сите Европски земји се фашистички?, прашува Јовановиќ кој е првата македонска јавна личност која поставила прашање – дилема дали Македонците се антифашисти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.