Поранешниот дипломат и долгогодишен професор по политички науки, Јован Донев, во коментар за „Економски Лидер“, го анализира писмото кое пред барањето на азил од страна на Унгарија, поранешниот премиер Никола Груевски го упатил до неколку високи европски политичари.

Според Донев, намерата на Груевски во писмото била јавно да впери прст во непринципиелноста на европските политичари, до кои неговото писмо е адресирано. Во исто време, според аналитичарот, Груевски успева во тоа затоа што му е одобрен азил од земја членка на ЕУ и НАТО, со што јасно се потврдува дека во Македонија има политички прогон.

Потегот на Груевски со испраѓање на писмо до госпоѓите Могерини, Мијатовиќ и Дол, како и до господинот Хан, но и претседателот на ЕНП може и треба да се гледа од повеќе аспекти. Прво, како писмо на човек кој смета дека е неправедно осуден, односно ќе биде неправедно осуден и бара помош од Европските институции. Второ, како писмо на поранешен премиер на Република Македонија кој се обраќа до Европски политичари, со кои долго време соработувал и укажува на пропустите и недоследностите во кривична постапка која се води против него и бара начин тие да се отстранат; И трето, како писмо на поранешен премиер на РМ против кого се води кривична постапна која може да се оцени како политички прогон поради што се подготвува за бегство, убеден дека ќе добие азил во Унгарија и сака, преку писмото, јавно да впери прст во непринципиелноста на европските политичари, до кои неговото писмо е адресирано. И во ова тој успева! Фактот што македонски политичар, посебно поранешен премиер, добива политички азил во земја членка на ЕУ и НАТО, каде што правото и политиката се целосно одвоени, јасно зборува за фактот дека во овој момент во Република Македонија не постои независно судство. Уште полошо, Унгарија давајќи му азил на г. Груевски ги потврдува тврдењата на опозицијата дека во Македонија се спроведува политички прогон. – вели професорот Јован Донев за Лидер.мк.

Минатата недела, ТВ Алфа објави дека пред да побара политички азил и да замине од Македонија екс премиерот им пишал писмо на челниците од Европската Унија. Во писмото, од кое копија била испратена и до Алфа, Никола Груевски бара меѓународни судии да извршат проверка на масовниот политички прогон во државата. Поранешниот премиер писмото го испратил до еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, еврокомесарката за надворешна политика Федерика Могерини, комесарот за човекови права на Советот на Европа Дуња Мијатовиќ и претседателот на европската народна партија Жозеф Дол.

Груевски во писмото наведува дека затворската казна му е изречена за целосно бесмислен и фабрикуван предмет – Тенк, бара ЕУ или друга европска институција, да ангажираат неколку врвни докажани судии од некоја од напредните земји членки на ЕУ кои ќе ги проучат предметите, доказите и на обвинителството и на одбраната, а би извршиле разговор и со обвинетите.

Да присуствуваат на неколку рочишта и на крајот да одговорат – Дали во нивните држави тие предмети, со такви докази, тие обвиненија, би поминале или би биле отфрлени од судот и зошто. Тоа мислење се разбира нема да ја смени одлуката на локалниот суд, но ќе одговори на прашањето поврзано со политичкиот прогон во Македонија – пишува Груевски

Во писмото Груевски има и друг предлог, доколку првиот за Хан, Могерини, Мијатовиќ и Дол е неприфатлив, тој бара Унијата да испрати мисија во Македонија.

-Која ќе ги утврди фактите, повторно составена од професионални и политички независни судии од кривичната област…Секоја изјава во правец дека не смее никој да се прогласи за виновен доколку не постојат цврсти законски прибавени докази би била од корист за судиите и јавноста во Република Македонија. Секој повик во правец на напуштање на практикување на правото во функција на водење политика би била значајна – пишува Груевски.

Во продолжение во 10 точки тој објаснува дека за време на судските процеси се соочувале со огромен број прекршувања на законите. Аудио материјалите кои СЈО ги користело како доказ се незаконски прибавени, пишува тој. Судот одбил нивно вештачење по барање на одбраната, а од друга страна дозволил за СЈО да вештачат лица без лиценци. Груевски наведува дека Судот делумно изразува лојалност кон актуелната власт, а дел од судиите живеат во голем страв да не бидат казнети ако постапат спротивно на очекувањата на СЈО, посочува Груевски.

На писмото стои датум 16 октомври. Апелациониот суд на 5 ти месецот, ја објави одлуката дека е одбиена жалбата на Груевски за затворската казна од 2 години за случајот со владиниот мерцедес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.