Имаме суштинска потреба во цел исток не само во општина Штип да се доизгради клиничката болница која беше започната в 2016 година и за година дена е изградено ова што денес стои. Со доаѓањето на оваа власт во новата зграда не се случува ништо, а главна причина и изговор им е дека таму има судски спор помеѓу фирмата изведувач од Грција и Бетон Штип како подизведувач. Сега спор нема, нека почне да се гради, изјави градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, за „Што не е јасно“ на Алфа.

Кога дојдов како градоначалник, и покрај тоа што не е моја обврска и надлежност сметам дека ова е од суштинско значење како што и универзитетот е двигател на економијата во Штип, клиничката болница која дава услуга на целиот исток е исто така од суштинска потреба на градот. Сметав дека треба да искомуницирам со овие компании и благодарение на разбирливоста на една од компаниите успеавме да направиме спогодба и да се откочи процесот, рече Јорданов.

Тој додаде дека досега владините претставници кога биле прашани одговорот им е дека не е проблем финансирањето, туку судскиот спор, а сега нема таков, но не се гради.

Еве сега е тргнат судскиот спор. Утре ќе има средба со министерот за здравство кога ќе почне ќе продолжи да се гради болницата, затоа што нема повеќе пречка, еве нека почне да се прави болницата. Надминати се временските рокови за изградба на штета на граѓаните од истокот, се одлеваат кадри во кои е вложувано со години, затоа што болницата не е само ѕидовите туку и кадрите и персоналот. Сметам дека треба да се направи исчекор, рече Јорданов.

Во врска со кризата и трошоците Јорданов посочи дека кога државата ги оптеретуваа компаниите со зголемени давачки и даноци компаниите и со трошоци кои се оставени на слободниот пазар и тие не може никој да ги испланира, во најмала рака сите тие компании се неконкурентни на компаниите, не само од Европа туку и регионот.

Тоа е еден синџир на поврзаност и доколку ги уништите компаниите и ако граѓаните не земаат плата, бадијала ќе биде субвенција која ќе ја давате на граѓанството. Компаниите треба да бидат субвенционирани да бидат конкурентни на пазарот. Тоа не се случува, општините и компаниите плаќаат највисока електрична енергија во регионот и Европа и прашање на време е кога истите ќе ја преселат инвестицијата во соседна држава, а вработените ќе останат без плата, нагласи Јорданов.

Додаде дека ако се уништени компаниите, тогаш општините ќе не можат да наплати данок, а исто и државата.

Ќе има невработеност, намалени приходи затоа што ќе нема кој да плати данок и тогаш и да воведувате мерки ќе е касно. Ќе ни се случи банкрот на државата и прашање на време е. Алармот е вклучен, жалам што никој не смогна сили да се седне на маса и да ја надминеме оваа криза. Оваа зима ќе биде најтешката од осамостојувањето, изјави Јорданов.

Јорданов посочи и дека како нова локална власт и покрај кризата и опструкциите од власта успева да сработи повеќе од 4 години од минатата локална власт.

Како нова локална власт се соочивме малку порано со енергетската криза од компаниите кои пред месец-два излегоа на слободниот пазар, а општина Штип уште од јануари се соочи со зголемени сметки за електрична енергија кои беа 5 до 6 пати повисоки од сметките кои доспевале во тие месеци претходната година. Во јануари месец ЈП Исар кое е под општина Штип имале сметка за електрична енергија од 19 милиони денари, а вкупниот приход по основ на наплата на сметки е 18 милиони денари. Што значи по основ само на електрична енергија има повисок трошок, а каде се платите на вработените репроматеријалите и сето она што го има како трошок на месечна основа. Сето ова моравме ние како општини да го субвенционираме, да дадеме милион евра да можат да ја покријат оваа загуба од електрична енергија за да продолжи да функционира на респиратор ЈП Исар. Алармиравме уште тогаш до владини претставници, рече Јорданов.

Тој посочи дека власта наместо да помага во криза таа селективно се однесува кон општините и решава да ја казни општина Штип но и граѓаните со зголемени давачки за нешто што некој друг го направил и не сносил одговорност.

Карактеристично за Штип е тоа што пред 20 години бил подигнат кредит од страна на јавното претпријатие а гарант е општината. Кредитот бил потрошен и откако биле искористени средствата обврската за сервисирање никој не ја преземал. Каматната стапка нараснала и неколку пати ја зголемила главнината од кредитот. Основната е 70 милиони денари, и 200 милиони денари нарасната камата затоа што 20 години не бил враќан кредитот и селективно бидејќи централната власт е различна од локалната од првиот ден ми стигна известување дека доколку не се плати рата ќе добиеме блокада на сметка, рече тој.

Јорданов додаде дека во сите вакви околности на енергетска криза, зголемени трошоци, репроматеријали, селективно власта наметнува и ги казнува граѓаните сега за нешто што изминативе 20 години никој не плаќал и не носи одговорност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.