Јавното обвинителство на Република Македонија соопшти дека ги следи реакциите по донесената одлука на Апелациониот суд Скопје за замена на мерката притвор со куќен притвор за обвинето лице во случајот „Рекет“.

Како единствен државен орган кој е надлежен за кривично гонење и се грижи за законитоста на кривичниот прогон, јавното обвинителство нагласува дека ги почитува судските одлуки и не се меша во работата на судската власт. Реакцијата на надлежниот јавен обвинител во предметот треба да се разбере како израз на моментално разочарување, по сознанието за донесената одлука во предмет во кој по опсежна предистражна и истражна постапка и поднесено обвинение, очекува судска разрешница – се наведува во реакцијата од Јавното обвинителство.

Јавното обвинителство наведува дека во извршувањето на функцијата ја заштитува законитоста и се залага за почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, принципот на владеење на правото и во таа насока обвинителството ќе ја продолжат соработката со надлежните институции и судски органи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.