В петок напладне, на матичната Комисија за образование, наука и спорт, е закажана јавната расправа за нацрт-концепцијата за основно образование. Министерката Мила Царовска денеска изјави дека таму ќе се сублимират сите ставови, ќе се изнесат забелешките и сугестиите кои стигнале до МОН за да се утврди што е конструктивно и прифатливо и да се унапреди концепцијата.

На дебатата ќе се искажат можеби спротивставени ставови и ќе излеземе во јавност што конечно е прифатливо, што не е од забелешките, и мислам дека заеднички ќе донесеме став по ова прашање. Понатаму веќе влегуваме во фаза на усвојување и подготовка на наставните програми коишто се најзначајни, затоа што концепцијата е само прв чекор, истакна Царовска.

По електронска пошта до МОН, до рокот (20 јануари) стигнале 30-ина предлози за нацрт-концепцијата, потоа имало и дополнителни и сите, рече таа, ги разгледуваат и ги прифаќаат се додека трае дебатата со сите засегнати страни во овој процес.

Во однос на државната матура, за која Средношколскиот сојуз бара поддршка од пратениците во Собранието за измени на Законот за средно образование со кои ќе се овозможи нивното барање за кратење на предметите од четири на два, министерката одговори дека законот е јасен и за оваа генерација државната матура ќе се спроведе според актуелниот концепт.

Не гледам како не би го испочитувале законот кога ниту имаме вонредна состојба, ниту имаме можност на владини седници да донесуваме вакви одлуки. Законот е јасен и дециден за спроведување на државната матура зашто таа е услов за запишување во високото образиование. Сите кои не сакаат да ја полагаат, може да полагаат училишна матура со два предмета и може да полагаат стручен испит во стручните училишта, и на тој начин да го заокружат своето средно образование. Тоа е задолжително во нашата држава, а државната матура е избор, истакна Царовска, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Математичко-информатичката гимназија.

Во однос на тврдењето дека наставата се уште е во исти услови (онлајн) како и за минатогодишните матуранти, кои беа ослободени од државната матура, Царовска одговори дека оваа година наставата во континуитет се одвива со двонасочна комуникација помеѓу наставниците и учениците и првото полугодие завршило успешно.

Посочи дека МОН има обврска да го оствари правото на над 14 илјади матуранти кои сакаат да ја полагаат државната матура и во законскиот рок ги пријавиле предметите по кои ќе бидат тестирани. Ретроактивно процесите, рече, не може да се вратат, но МОН ќе работи на нова концепција за државна матура за наредната генерација и за нејзиното подготвување ќе ги усогласува ставовите заедно со Сојузот на средношколците.

Министерката Царовска денеска ја посети Државната математичко-информатичка гимназија, новото средно училиште во Скопје кое почна да работи од септември, по повод опремувањето лабораторија со компјутери донирани од „Уни банка“, што ќе им помогне на учениците во стекнување знаења и вештини во областа на математика, информатика и физика.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.