Согласно Одлуката на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, партијата денеска објави Јавен повик за пријавување на кандидатура до Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија за Претседателските избори 2019 година.

Сите оние кандидати, кои ги исполнуваат законски предвидените обврски и услови за кандидирање за кандидат за Претседател на Република Македонија и кои се согласуваат и ги поддржуваат политиките на ВМРО-ДПМНЕ и сметаат дека се потенцијален кандидат, треба да поднесат индивидуално писмо за изјавување на интерес за кандидирање на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија, најдоцна до 31 јануари до 18:00 часот, во просториите на централното седиште на ВМРО-ДПМНЕ, тоа е плоштад ВМРО, Палата Христо Татарчев бр.1, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Арсовски додава дека веднаш потоа, сите кандидати кои ги исполнуваат условите, ќе имаат еднакво право да ги презентираат својот план и програма пред партијата.

Согласно одлуката на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ на конвенцијата ќе учествуваат и одлучуваат 550 делегати. Принципот за избор е тајно гласање, а за избран кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за Претседател на Република Македонија се смета кандидатот кој добил најмногу гласови од сите кандидати, но не помалку од 1/3 од вкупниот број на делегати.

Доколку ниту еден од кандидатите не го добил потребниот број гласови од 1/3 или кандидатите добиле еднаков број гласови, гласањето се повторува. Во повтореното гласање учествуваат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови во првото гласање, рече Арсовски.

Тој потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го одбере најдобриот и најмотивираниот кандидат за Претседател на Република Македонија кој заедно со граѓаните ќе победи на претстојните Претседателски избори 2019 година.

Граѓаните секојдневно се се помотивирани и понестрпливи да ја поразат оваа хунта на власт која го гледа единствено личниот интерес, настрана од интересот на граѓаните на Република Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ со идниот кандидат кој ќе го одбере за кандидат за Претседател на Република Македонија, ќе ја порази ова ненародна и криминогена власт и тоа ќе биде почеток на крајот на оваа црнила и оваа несреќа што ни се случува во моментов.

ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на овие избори и граѓаните ќе победат на овие избори!, изјави  Арсовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.