Премиерот Зоран Заев, вечерва во интервју за телевизијата Алсат-М на прашањето на новинарот дали се чувствува измамен од Европската Унија, рече:

Јас реков дека ова ќе го носам како нова лузна на моето лице, како што ги носам лузните од непријатните настани, коишто се случија во Собранието. Секако, очекувавме Европската Унија да го исполни своето ветување, коешто за жал не го исполни. Рекоа дека направиле историска грешка. И јас така ја нареков таа постапка – историска грешка. Ветувањето беше многу прецизно многу постојано, многу континуирано како признание за тоа што нашата земја помина низ еден сериозен процес на реформи, заради двата договори со Бугарија и Грција – истакна премиерот Заев.

За информациите дека постои иницијатива од Италија, да се врати прашањето за Северна Македонија на дневен ред веќе во ноември, на Советот за општи работи, премиерот Заев одговори:

Сега јас малку ќе закочам со мојата надеж и оптимизам. Нели бев најголем оптимист. Ние да си работиме, а тие дај боже побрзо да одлучат, да ги отворат поглавјата за нас, односно да ја донесат одлуката за почеток на преговорите.

Тој додаде дека веќе добил покана од италијанскиот премиер Џузепе Конте да се сретнат во вторник, на 29 октомври и ќе разговараат за оваа иницијатива која како што рече е подржана и од други премиери.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.