Во гостување во дебатната емисија „Само вистина“ на Канал 5 телевизија, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев зборуваше за моменталната политичка ситуација во земјата, резултатите од локалните избори, спречувањето на гласањето доверба на Владата, како и за очекувањата за наредниот период.

Јанушев истакна дека СДСМ во паника и очај бара оставка од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а истиот човек катастрофално ги порази на локалните избори пред само петнаесетина денови.

Ако треба Мицкоски да сноси одговорност, ќе се согласам дека треба, но таа одговорност ќе ја поднесе кога ќе биде реизбран на конгресот на партијата.

 

ВМРО-ДПМНЕ оствари одличен резултат освојувајќи над 42 општини низ Република Македонија, а тоа укажува на фактот дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира новата Влада на чело со новиот премиер Христијан Мицкоски. СДСМ наместо да бара одговорност од Мицкоски и од ВМРО-ДПМНЕ, нека погледне во својот двор и нека расчисти со криминалите и корупцијата која што најпрво владее во нивниот табор, а потоа и низ целата држава.

 

Христијан Мицкоски е човекот кој ја понесе на свој грб големата победа на ВМРО-ДПМНЕ и тоа само по себе говори за сериозноста и упорноста да се бориме за граѓаните и за Република Македонија. Одговорност ќе сносиме, а тоа за нас ќе значи да се бориме за сите потреби на граѓаните и издигање на државата од ова мочуриште во кое Зоран Заев ја фрли изминатите пет години – изјави Јанушев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.