Враќање назад на работа на 40-те илјади кои изгубија работни места во ковид кризата, враќање на старата цена на струјата, укинување на зголемената акциза за горивата, обештетување на измамените штедачи од Еуростандард, апсолутна правда за сите, ова се дел од барањата кои народот преку мандатно писмо ги дава на премиерот Заев.

Заев ова мандатно писмо мора итно и неодложно да го спроведете до крај, во спротивно народот го бара мандатот назад. И само да ве потсетам дека ќе има одговорност за неспособноста и криминалот, порача од пред Владата генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието, Игор Јанушев.

Тој вели дека наместо Заев да дава мандатни писма, народот на Заев му дава мандатно писмо во кое се бара:

  1. Да ги врати назад на работа 40-те илјади кои изгубија работни места во ковид кризата, поради лошите и ненавремени економски мерки.
  2. Да им помогне на лозарите кои во ек на бербата на грозјето не знаат дали воопшто и по која цена ќе биде откупено нивното грозје.
  3. Да се врати старата цена на струјата, затоа што има скапа струја, а сиромашен народ.
  4. Да се намали цената на бензините преку укинување на зголемената акциза.
  5. Да се обештетат сто процентни измамените штедачи од Еуростандард банката, и да се открие кои компании од Струмица се примачи на кредитите без покритие.
  6. Одговорност за министерката на Заев, Нина Ангеловска која за разлика од илјадниците други граѓани на време си ги извади парите од Еуростандард банка.
  7. Апсолутна правда за сите, да се тргнат рацете од судството и обвинителството.
  8. Веднаш да се реши проблемот со децата во градинките кои поради Ковид кризата се изложени под ризик и за кои нема соодветни адекватни просторни услови за згрижување.
  9. Да го видиме планот за колапсот кој се случува во образованието, Република Македонија е една од ретките држави каде доцни стартот на учебната година, и кризата која трае од март ги изненади владините институции кои за жал се уште немаат никаков план.
  10. Филипче да замине од министерството за здравство затоа што неговата неспособност ја плаќа народот со своето здравје и живот.
  11. Заев да престане да раздава стотици илјади денари државни плати, бидејќи народот нема за леб.
  12. Заев да престане да троши милиони евра за набавка на скапи и луксузни автомобили, бадеми и лешници затоа што сто илјади граѓани живеат со помалку од 50 денари дневно.
  13. Да ги разјасни десетиците нерасчистени убиства, палење на домови и автомобили.
  14. Да престане да дели криминални тендери во еден хотел во Источна Македонија.
  15. Конечно да се удри мафијата која денес е едно исто со власта, почнувајќи од Заев па се до постапки за Ден Дончев и „Диамед“, за Рашкоски и Леонардо, за функционерите со кокаин, за градоначалникот шверцер на цигари и сите останати, а не се малку.

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како што рече Јанушев, Зоран Заев наместо со решавање на проблемите на граѓаните, кои во огромна мера се резултат на неодговорното владеење на неговата старо нова власт, се занимава со театар и гол популизам.

Зоран Заев не може да решава проблеми, затоа што тој е изворот на истите. Оваа влада е онаа истата стара влада која создава економско цунами, неправди, трас трас одлуки, најкорумпирана земја во Европа, хибриден режим, потенцираше Јанушев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.