Доколку навистина сметаат дека станува збор за кривично дело нека дојдат тука, знаат каде живееме, нека нè уапсат, порача денеска генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, одговарајќи на новинарското прашање како ги коментира обвинувањата од СДСМ дека со тоа што велат дека поседуваат документи за исказите од случајот „Рекет“, ја поткупуваат истрагата и дека станува збор за кривично дело.

Видете, во изминативе години се изнагледавме буквално стотици, илјадници емисии по речиси сите медиуми каде што се објавуваа записници со имиња и презимиња, значи никој не го покрена ова прашање. За нас како што кажав и сега, како што кажа и претседателот Мицкоски вчера овие документи се доставени од свиркачи. Ние и имаме регулатива за тоа. Од друга страна оние што ги доставиле увиделе дека станува збор за прикривање, станува збор за водење на постапка на незаконит начин. И исто како и нас борејќи се за правда и правичност, за доследна примена на законите ги доставиле затоа што веруваат дека нема да оставиме така да се заврши. Меѓутоа еве ги повикувам доколку навистина сметаат дека станува збор за кривично дело нека дојдат тука, знаат каде живееме, нека не уапсат, порача Јанушев.

Јанушев рече дека лидерот на партијата Христијан Мицкоски досега не е повикан на распит, но во оваа држава и најнеочекуваното е очекувано, па можно е и двајцата да бидат повикани.

Не гледам никаква причина освен нели паничниот, небулозен обид на Заев, на некој начин да се обиде да го сврти вниманието од себе, можеби и помалце или повеќе онаа несреќна изјава која што ја кажа дека можеби на крај случајот водел до Мицкоски. Така да се е очекувано во оваа држава, со оваа влада криминално рекетарска како што неколкупати напоменав, вели Јанушев.

Според Јанушев ниту судството, ниту обвинителството е како што треба.

Поголема нефункционалност, компромитираност, постапување по исклучиво политичката волја на поединец или поединци во оваа криминално рекетарска власт никогаш немало во историјата на Република Македонија. Токму затоа предупредуваме и кажуваме дека будно ќе го следиме случајот и доколку видиме дека било какво постапување има со кое што се обидуваат да скријат нешто, дека ќе излеземе и ќе ги објавиме, рече Јанушев одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција во ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.