Мојата совест е чиста. Кривичното дело кое Јавното обвинителство ми го става на товар не сум го сторила. Имате доволно докази правилно да процените и да ја донесете единствената можна пресуда, а во мојот случај тоа е ослободителна пресуда – порача екс-министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, во завршните зборови за случајот „Таргет-Тврдина“ .

Според јанкуловска, фактот што ЈО не дозволил таа да се приклучи во кривичниот прогонот, не ја менува реалноста дека таа лично била жртва на незаконското прислушување и дека има над 23 илјади прислушувани разговори од нејзините телефонски броеви и уште толку СМС пораки.

Кога зборуваме за нешто што е директно или индиректно поврзано со незаконското прислушување, јас најмалку имам мотив за помагање на некој што е поврзан со овој монструозен чин на масовно кршење на човековите права. Јас и моето семејство претрпевме и се уште трпиме огромни последици од незаконското прислушување, како на личен, така и на професионален план. За сето ова време, јас имам многу силен мотив овој скандал еднаш и засекогаш да се расчисти до крај и сторителите да бидат казнети, затоа што тоа е само една мала, но не и незначајна сатисфакција за жртвите. Во мојот случај наместо сатисфакција, од ЈО добив обвинение и барање за долгогодишна затворска казна – изјави Јанкуловска.

Во однос на обвинението кое и се става на товар од Јавното обвинителство, дека им помогнала на Горан Груејевски и Тони Јакимовски за уништување на опремата за прислушување со тоа што го потпишала решението за формирање на комисијата, Јанкуловска изјави дека станува збор за апсурдна теорија, што не е поткрепена со ниту еден доказ.

Дали е можно да претпоставам дека ќе се случи уништување токму на опрема за следење на комуникации, ако од ниту еден документ, што ми бил доставен и од ниту една комуникација што сум ја имала, такво нешто не произлегува. Сите докази и сите сведоци кои беа испитани на таа околност, недвосмилено потврдија дека од документите и информациите кои ми биле достапни во тој момент, не произлегува дека предмет на уништување била некоја конкретна однапред определена опрема, ниту, пак, решението што сум ги потпишала упатува на уништување на конкретна опрема – изјави Јанкуловска.

Во однос на тврдењето на ЈО дека, веруваат оти таа им помогнала на сторителите, затоа што не се запрашала, ниту се обидела да ја расчисти дилемата на правниот сектор од кои причини е потребно по редовниот попис да се врши вонреден попис и Комисијата да има такви овластувања, Јанкуловска изјави дека токму правниот сектор како последен филтер за актите кои ги потпишува министерот, во една сосема стандарна процедура и без да посочува на никакви дилеми и доставил на потпис решение за кое гарантира дека е законски издржано и проверено од секој аспект.

Отсуството на реакција не значи ништо друго, освен едно рутинско постапување, како што е нормално да се постапи со секој предмет, за кој најкомпетентните правници од МВР потврдиле е во ред од секој можен аспект – изјави Јанкуловска.

Таа во својот завршен збор посочи дека од доказите и вештачењата се покажало дека „Најс трак“ системот имал нефункционалност за следење и снимање на телефонските и други комнуникации во постапка утврдена со закон, со оглед на тоа што немал можност за следење на никаква комуникација преку интернет.

Сето ова го потврдија и вештите лица Кире Јакимовски, Мирослав Костовски и Орце Симов. Јакимовски ги образложи недостатоците на системот од аспект на застареност и од аспект на функционирање дека не можел да пресретнува никаков сообраќај преку интернет. Во заклучното согледување констатира дека „Најс трак“ сисемот не функционира, како што е понудено во договорот, туку со недостатоци. Костовски, напомена дека системот воопшто не бил надградуван и имал големи недостатоци во 2014 и 2015 година, бидејќи сите комуникации одат преку интернет, а тој воопшто немал можност да пресретне таква комуникација. Симов, пак, разјасни дека клучните компоненти на системот имале истекување на сервисниот период во 2014, а некои во 2015 година, и дека ако еден од компонентите има завршен животен век, завршува животниот век на целиот систем – додаде Јанкуловска.

Спротивно од тврдењето на ЈО дека можела да види оти правниот сектор барал појаснување за тврдењата на Комисијата за уништување на опремата, Јанкуловска посочи дека тие биле јасно адресирани за УБК.

Носењето на разни акти, вклучително решенија за формирање комисии е рутинска секојдневна работа на секој министер и затоа немало никаква реакција од мене како тогашен министер, а не дека се правело по моја наредба, како што се вели во обвинението. Тоа се потврди и од изјавта на сведокот Весна Доревска, дека ова решение го поминало филтерот и било доставено на потпис. Таа појасни дека во однос на забелешката на ЈО дека решението е носено по моја наредба, всушност е од белешка доставена од вработен, по кажување од Горан Грујевски. Истата, појасни дека таа добила вакво објаснување од вработената која ја ставила таа белешка – изјави Јанкуловска.

Поранешната министерка нагласи дека потпишаното решение е за формирање на Комисија во УБК за попис, расходување и ништење од листата на задолжување на опрема и технички средства во УБК и доколку констатира нејзина застареност, да изврши и ништење на сета опрема, а не за уништување на конкретна опрема.

Повеќе од јасно е дека од ова решение не произлегување дека Комисијата треба да прави уништување на конкретна опрема, туку да направи попис, па потоа ако утврди техничка застарност да изврши утврдување на таква опрема. Да појасниме, ако комисијата направи попис и не утврди постоење на застарена опрема, не требало да пристапи кон ништење на опремата. Самите членови на Комисијата, потврдија дека од мене не добиле никакви насоки и ниту се сугерирало што треба да произнесе од тоа – изјави Јанкуловска.

Судењето по овој предметот почна на 22 декември 2017 година.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби, а 1.541 број и по завршување на траењето на важноста на судските наредби. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Обвинителството во завршниот збор на минатото рочиште, посочи дека и покрај сите пречки со кои се соочувале во истрагата, успеале да докажат дека обвинетите ги извршиле делата за кои се товарат и побара максимални затворски казни.

Процесот го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапници на обвинението се Ленче Ристовска и Трајче Пеливанов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.