Јаневски: Народот е прост и глупав, Филипче е Супермен

Македонија 05.06.2020 / 21:17

Дали знаете зошто во светот постои криминал? И тоа, откако постои човештвото, откако постои човекот, па се до денес? Зошто постојат убиства, иако се казниви, некаде со смртна казна, некаде со доживотна робија, некаде со затвор до 40 години! Дали знаете зошто постојат сообраќајни несреќи, иако, и тоа ви е познато, нели, и тие се забранети. И постојат сообраќајни знаци кои ви кажуваат како треба да возите. Да, постојат и мошне чести пропагандни кампањи на едно тело што има малку подолго име но кое е задолжено да се грижи за безбедноста во сообраќајот, чести се и пропагандните камапњи на некакви си невладини кога ќе успеат да земат некоја пара од странство… Имаше своевремено и владини спотови, некои беа малку побрутални и имаа за цел да ве шокираат барем малку.

А сепак, и покрај се, и покрај сета едукација за сообраќајот, и покрај сите забрани, сообраќајките се случуваат секој ден, во нив гинат луѓе кои знаеле дека можат да загинат ако не ги почитуваат знаците (поради нив гинат и недолжни), убиства има исто така секој ден, за оној „обичниот“ криминал и да не зборуваме. Знаете зошто е тоа така? Затоа што откако постои човештвото, меѓу луѓето секогаш ќе има еден број од нив кои ќе ги прекршуваат правилата и забраните.

Затоа пред неколку илјади години е измислена државата. Таа треба да го организира животот на луѓето, да постави правила на однесување и да се грижи тие правила да бидат почитувани. И бидејќи никој не успеал да ги натера сите луѓе да бидат умни, паметни и послушни, државата е таа која треба да го сведе на минумум процентот на луѓе кои не се однесуваат како што треба. За сметка на тоа, тие кои што ја водат државата живеат удобно и богато, со привилегии за кои обичниот смртник не може да сонува. Од милиони на сметка, до тест за корона преку ред.

Во најголем број случаи, државата со девијантните однесувања на луѓето се справува преку репресија, но целта е да се изгради култура на однесување, а не да се испрати половина држава во затвор. Некаде тоа успева, некаде не. На пример, имате држави или делови од тие држави каде се почнало со репресија, но со тек на времето се изградила култура на однесување дека ѓубрето не се фрла на улица, дека пушењето е штетно (а, сепак, и во државите со најголем успех во таа кампања – 20 отсто од граѓаните се пушачи) итн. Секаде е така. Државата е таа која за тие кои ја водат носи привилегии, и државата е таа ако тие кои имаат привилегии и милиони, колабираат. Народот и ист и пред тоа и после тоа.

Деновиве, откако пропадна три месеци градената камапња за „Супермен Филипче“, сведоци сме на нова кампања во која за ширењето на вирусот во Македонија виновен е народот. Ете, тој не ги почитувал мерките, тој не стоел на дистанца, тој бил простачки народ… Сите не чинат, само Филипче останува во сенка. Тој е супер, ама види, со овој глуп народ, со овие простаци, толку се може!

Така, за новиот втор бран заразени кој требаше да ни се случи во септември за да имаме избори сега, виновни биле муслиманите, од една страна, а од друга ги имаме бранителите на муслиманите кои велат дека виновни биле Македонците. И тука се третите кои велат дека се виновни и едните и другите. Сите се простаци, сите не чинат, само Филипче чини.

А, чудно, Македонците (и сега да не ги редам сите други кои живеат тука, Албанци, Роми итн.) не се различни од другите народи кои живеат на Балканот, ако сакате и во Европа. Ако веќе сакате да зборуваме за муслиманите, прашањето е дали македонските муслимани од кои најголем број се Албанци, се различни од тие во Албанија, од тие во Бугарија, од тие на Косово, во Србија, од тие во БиХ или ако сакате Германија каде само Турците-муслимани се бројат над три милиони? Дали тие луѓе не одат на честитања за Рамазан Бајрам? Или одат? Ако одат, а сепак, Албанија, Косово, Бугарија, БиХ итн. немаат ваков бран, тогаш, или нашиот вирус е нешто посебен или не е нешто во ред со бројките или нешто не е во ред со тоа што сакам да ви кажам: со апаратот кој треба да воведе мерки и тие мерки да ги спроведе.

Оти, ако кај нас народот не е различен од тој во Албанија или Хрватска, не е различен од тој во Бугарија, тогаш, како што рековме, нешто друго не е во ред. Тоа друго си има име и презиме. На врвот на таа пирамида на единиците за борба против корона, се наоѓа телото за справување со оваа криза, чиј шеф е Филипче. Оттука се тргнува.

На почетокот од кризата во Европа, читав дека во Италија епидемијата се раширила зашто Италијаните биле такви – сакале да се дружат, да се бакнуваат, да си пљукаат во фаца, прост народ кој сака да се зарази, а Швеѓаните биле фин и културен народ и се држеле на дистанца. Е, во таа Италија, во која нардот е простачки, па вие му велите да се држи на дистанца, а тој се бакнува, на 2 март оваа година, општината во која се наоѓа скијачкиот центар каде била госпожата Цаца, а која се наоѓа на час-два возење до Милано кој тогаш веќе беше центар на заразата, издаде соопштение со кое ги повикува сите туристи да не се плашат, да дојдат и дека дури и скијачката трка закажана за 15 март ќе се одржи. Ако појдете по ова, народот не е простак, туку власта и таму е проблем што за оваа лекомисленост, никој не е ставен 100 години в затвор. Како и кај нас.

Во Шведска, главниот епидемиолог сега признава дека згрешиле, а инаку, сите си молчат оти не било во ред да ја критикуваш Владата која им велеше да го слушаа епидемиологот. Имаат 450 мртви на милион жители, брутално кажано „ликвидираа“ илјадници старци по домовите, ама никој не е виновен, нели? Освен старите што се стари и не носеле маски, за кои кај нас Супермен Филипче во февруари, го велеше истото. А, старите кои умреа се народот, па така испаѓа дека и во Шведска народот си е виновен. Како и кај нас.

За разлика од тоа, во Белгија, која е прва по смртност во светот, лекарите и другите медицински работници барем и свртеа грб на нивната премиерка и и порачаа да се носи во мајчина и. За над 800 мртви на милион луѓе! Народот е крив, зашто си плукал и кашлал в лице? Не, ете белгиските медицинари си го кажаа своето!

Инаку, зарем не еднаш сте чуле дека наш човек, кога ќе отиде во Германија и друга западна земја, еве „Швицарска“ ако сакате, е како бубалка. Ќе се врати ли овде, вози како ненормален, не почитува знаци… Зошто? Како тоа, истиот тој, кога е овде е во групата „народот е крив“, а кога е таму не спаѓа во таа група?

Ние овде всушност имаме проблем со нешто друго. Ова веќе сум го пишувал, но вреди да се повтори. Имаме проблем со власт која не го виде вирусот. Имаме работа со власт која немаше проблем ако децата ни се заразеа од децата на оние родители кои беа на симпозиумот кај Цаца. И тогаш требаше да се пресече работа: и со „Гушни го Филипче“ и со Јовески и со Заев и Спасовски. Сакате партиски баланс? И со Чулев, ете да не биде фрустрирана Штрумфета која е во самоизолација, освен кога држи прес конференции за кафеани. Ние имаме работа со власт која буквално ја умре онаа жена од струшко и за која сите молчеа, вклучувајќи ги и оние шарлатани кои би и ставиле двојазична табла на куќата, тоа е битно, ама кога е болна, нека цркне. А, замолчевте бидејќи, види богати, Супермен ја смени директорката на Охридската болница која пред нос ни го бутна соопштението дека немала опрема да ја прими таа пациентка, за што исто така народот и виновен. Нели?

Ние имаме работа со власт која му аплаудираше на оној од Гази Баба кој отрча од полициска станица да ги вади уапсените од Сингелиќ, а после нивните сограѓани оделе на Ифтар. Е, па оделе. А, тогаш требаше да се исече работата во корен. Ние имаме работа со Супермен кој три месеци креваше рејтинг. Тоа се сосекуваше на почетокот. Знаете кој е „шеф на мафијата“ за борба со корона во Бугарија? Генерал. Мутафчиски се презива или Мутафчиев, како и да е. Името на министерот никој не го ни знае. И тој генералот, не го интересира рејтингот.

И пак да се вратам на истото. Како тоа  во Буагрија беа отворени црквите за Велигден, а имаат помалку заразени и мртви од нас? Како тоа во Албанија и на Косово, Албанците оделе на ифтар вечери, а не се заразиле, додека овие овде прават „помор“ меѓу себе? Не сакам да кажам дека нашите бројки не се точни, напротив, верувам дека се точни, но настрана тоа, прашањата сепак заслужуваат одговор. А ниту еден од тие одговори не лежи во тоа дека народот е крив. Затоа што тоа е истиот народ од Србија, од Бугарија, истиот народ како и во Грција и Албанија, Босна или било каде. И тој народ таму, во сите тие земји, верува во заговори, во 5Г, во чипирање и не знам што. Па оној Дејвид Ајк ли се вика, еден од главните носители во светот на сите тие теории за заговори, е Американец, а пред некоја година беше гостин на ХРТ која е државна телевизија. Па? А, сепак, сите тие држави или ја побеидја короната или се на пат да ја победат. Со драстично помалку мртви од нас. Јасно ви е? И уште еднаш – со драстично помалку мртви од нас!

Муабетот е дека теории на заговор има насекаде. Некои од тие теории понекогаш се покажуваат вистинити, а некои не. Во средниот век, кога мислеле дека Земјата е плоча и ја носат слонови, теорија на заговор било тврдењето дека Земјата е тркалезна. Денес е обратно.

Впрочем, на почетокот на кризата во Европа, теориите за заговор почнаа да доаѓаат од Запад. Само еден пример: еден познат германски интернист го имаше пред себе досието на еден починат пациент од Италија, кого го лечеле давајќи му имуносупресив. Интернистот се исчудуваше и велеше дека тие се будали и дека штом вака ги лечат луѓето, тогаш овој вирус не постои и ова е некој заговор. Видеото е споделувано кој знае колку пати. Вакви примери има на тони.

Подоцна се покажа дека најверојатно, во тој случај, тие во Италија се обидувале да ја смират „цитокинската бура“, односно реакцијата на организмот нападнат од Ковид, кој, враќајќи го ударот, ги напаѓа сопствените бели дробови и го убива пациентот. Се покажало грешка, но ете една теорија на заговор која дојде од Германија, од лекар. А, видеото на интернет всушност е од емисија на некоја европска или германска ТВ. Ја гледаат милиони луѓе. Дали тоа значи дека народот е виновен што Германија има 184 000 заразени и над 8 000 мртви и што вчера имаше 500 позитивни и 34 мртви?

Како и да е, секогаш ќе има луѓе кои ќе мислат дека вирусот не постои и ова е некаков заговор на Бил Гејтс кој сака да ве чипира. Дали е тоа поопасно од Заев кој сака да го искористи вештачкиот рејтинг на Филипче (кој се урна овие неколку дена како кула од карти) и да оди на избори во јуни, па и короната беше ставена во таа функција? Теории на заговор има и ќе има, како што секогаш ќе има убијци, секогаш ќе им такви кои наместо со 60 км на час ќе возат со 80 или 120 км на час. Секогаш ќе има луѓе кои ќе ги кршат правилата и секогаш ќе има „заговорници“. Во САД и во Европа и на Балканот и кај нас. И тие можат да бидат предмет на пресметка меѓу луѓето, на муабет во кафеана, на закачкање преку социјалните мрежи…

Ама „народот е крив“ не смее да биде државна политика која потоа се насочува во пропаганда на која многумина несвесно потпаѓаат. Зашто не е точна и зашто е опасна. А нам токму тоа ни се случува и од власта и од медицински работници во кои сите бараат спас. Не смеат да зборнат таму каде што треба и против кого треба, па најлесно е да го обвиниш народот. Па јас ли треба да се тепам со секој што ми застанал на половина метар до мене, со секој што се искашлал, со секој кој „пред нос“ ми поминал на црвено… Секој од нас треба да го прави тоа? Да, и тоа се прави, некогаш ако треба и ќе се степате (ако можете, нели), ама тоа нема да го реши проблемот. Проблемот во тоа да има систем кој ги решава тие проблеми, а тој систем го поставува тој што се перчи кога певаљки бараат да му плескаат. Со други зборови, во овој случај, тоа е работа на тој што не го виде вирсуот, на тој што постави протокол кој онаа жена од струшко наместо во болница ја прати дома, на тој што… на тој што додека не беше вирусот удобно уживаше во тендери и во што уште не. Ако тој систем не постои, не мрчете против тие што избегаа во Охрид и Дојран.

Инаку, да се „стегнеше“ тогаш работата, оние од Сингелиќ за пример денеска играа „не љути се човече“ таму каде што требаше да бидат…  и се по тој ред, е, тогаш, друга ќе беше работата. И не ќе имавме 180 нови случаи, ниту ќе имавме карантин. Бидете сигурни.

Патем, ова со „скопјанчиштава“ кои ги преплавија Охрид Дојран, Струга итн… се случи и во Бугарија со Софија. Слична мерка, која пред да стапи во сила ги избрка софијанци од градот. Ама, таму, никому не му падна на памет да ги овбинува луѓето. Главно „маваа“ по гологлавиот Мутафчиски. Ама, ете, ние сме посебни. Како и не би биле кога го имаме ЛидеЛиде. Патем, мерката за Софија во Бугарија не даде резултат. Ни полош, ни подобар. Кај нас бидете сигурни дека ќе даде резултат. Позитивен. Така вели политичката логика. Така што почнете со печатење флаери за Филипче. Направете го сега Бетмен. Плус Супермен.

Патем, ако не сте го гледале пресот на Филипче денеска, изгледајте го. И, за тоа што човекот веројатно веќе не знае каде е, тотално изгубен во време и простор, што човек едноставно помислува дека ја „продал кучата“, е и затоа виновен е народот. И за тоа што ги пратил луѓето во Охрид и што се ќе било во ред ако носеле маски, небаре не ги затвори скопјани зашто не носеле маски, па нема да ги носат ни во Охрид, и за тоа што… А, во меѓувреме, луѓето си умираа, еден ден седум, следниот помалку, па пак повеќе, па пак помалку… Ама што те боли… кога народот е глупав. И прост. Маме му е*ам, се разболува. И умира.

А, за крај, бај д веј што би рекол нобеловецот, што бидна со кластерот СДСМ? Ќе им помине. Како денеска рејтингот на Филипче?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


Comments are closed for this post.