Се собираме да кажеме не за ваков предлог кој трагично не погубува за век и веков. Или ќе не има или воопшто ќе не нема. Тоа што сакам да го кажам е за една лага која со денови ни ја протнуваат, а тоа е го заштитиле македонскиот јазик, дека бил бетониран, изјави новинарот Дарко Јаневски на денешниот протест „Ултиматум НЕ благодарам“ потенцирајќи власта манипулира со народот додека во исто време преговара за јазикот и идентитетот.

– Денеска го слушавме Ковачевски со истата лага, а ако се сеќавате истата лага ја кажуваа кога го потпишаа Преспанскиот договор и викаа дека македонскиот јазик и идентитет се бетонирани и денеска расправаат за тој бетон. Во исто време не лажеа дека договорот што го потпишаа Заев и Борисов мора да го спроведеме, а во него клучна точка е македонскиот јазик, рече Јаневски.

Тој посочи дека втората лага која се обидуваат да ја протнат е дека ја исфрлиле историјата од преговарачката рамка со ЕУ, и тоа е повторно лага затоа што има комисија која преговара за тоа и веќе ги испреговараа Цар Самоил, Кирил и Методиј, а сега им останаа Гоце, Даме и сите херои од химната, строфа која ја избегнуваат за после да се вадат дека згрешиле.

– Велеа дека идентитетот ни е бетон, а тој идентитет прво го претворија во три коси црти, и не сметаат за коси црти, а не Македонци, а Макрон не нарече Северномакедонци. Ако тоа не е така како што тврдат, тогаш за што преговараат? Дали за патот до Софија? Не, туку преговараат како да не залажат за да не видиме дека не поништуваат. Оваа држава со нив чекор по чекор се распаѓа, изјави Јаневски.

Јаневски во врска со зборовите на Османи дека ако сега не сме прифателе илјадници деца ќе заминеле, изјави дека помалку од два милиони испаднавме затоа што илјадници деца заминаа, а тие крадеа и ги полнеа џебовите.

– Да не им верувате на нивните лаги, ве замолувам како што вчера и денес излеговме во масовен број тоа да го правиме и понатаму за да не им дозволиме да не обезименат, потенцираше Јаневски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.