Требаше да поминат пет години од потпишувањето на Договорот меѓу Заев и Борисов, четири години од Преспанскиот договор и исто толку од историските комисии, при што таа со Грција како да е во илегала за разлика од таа со Бугарија, за новопечениот академик Драги Ѓоргиев да ни обзнани дека во историјата имало повеќе вистини, пишува Дарко Јаневски во својата нова колумна.

Значи не била само бугарската вистина, туку имало и други. Што него, и неговата тајфа од Комисијата ги става во ранг на Кристофер Колумбо или во ранг на оној што ја пронашол топлата вода. За оние од Комисијата со Грција, поим немаме дали доживеале вакво просветлување. Но, тие изгледа на раат си ја тераат тезгата, ако воопшто има што да тераат зашто нивно е само да одобруваат што ќе кажат Грците. Иако, таму веројатно допрва ќе се изненадуваме. На пример, со прашањето што ќе учат нашите деца – Грците го ослободиле Солун во 1912 година од Турците или си присвоиле град кој никогаш не бил нивен?

Како и да е, Ѓоргиев ни внесе нов знак на надеж: нашиве денешни просветители можеле да еволуираат. Па, од позицијата која државниот врв ни ја соопшти – а таа е дека Комисијата треба да ги утврди единствените и вистински факти за историјата, како, на пример, дека Гоце Делчев е Бугарин, стигнавме до позиција дека за една иста работа, настан, личност… имало повеќе вистини, за што сум пишувал многу пати. Ашколсун академиче! Среќа што сме во 21 век, па ова е дозволено. Замисли да бевме во средниот век кога било дозволено да се лечи само со пијавици како една и едиствена вистина. Тоа е времето на кое му пасуваат договорите со Бугарија и Грција, нели умна главичке?

Ама потоа го имаме истиот Ѓоргиев и некој си таму Тодоров кој пред некој ден гостуваше на Ѕинговизија, кои велат дека тие повеќе вистини требало да им бидат претставени и на нашите деца. Па сами да си избереле која вистина ќе ја земат. Демек, на дете од петто одделение, каде во рамки на предметот Општество има една-две лекции за историјата на Македонија, а кое дете има 10-11 години, ќе му кажеш дека Александар Македонски бил Грк (тука веројатно ќе има само една вистина), дека Самоил бил и бугарски и словенски цар (можете да се обложите дека терминот „македонски“ ќе биде избегнат), дека Гоце бил и бугарски и македонски револуционер кој е роден во Македонија која е грчка, а чиј роден Кукуш, Грците го ослободиле од Турците па етнички го исчистиле од „Бугарите“ така што го запалиле до корен, па детето ако сака, ќе проучи и ќе си донесе свој заклучок. Малку ви „чадит“ главата што би рекле некои или тоа само си замислувам? Ама димот се гледа!

Во секој случај, многу бистро. Само што во тоа „бистро“ има еден мал проблем. Кога пишувате национална историја, го пишувате вашиот национален поглед. Не правите „турли тава“ од сите светски погледи на некој историски настан или лик, туку го давате вашето толкување на тој настан.

Па, така, Британците за Чембрлен не пишуваат дека му удоволил на шизофрениот нацист, туку пишуваат дека сакал мир па затоа го склопил Михенскиот договор со Хитлер. Бугарите не учат дека царот Борис им бил ортак со Хитлер, туку се обидувал да спаси што може да се спаси во таа ситуација. Грчките деца не учат дека во 1914/15 година нинвата земја била поделена меѓу сојузништво со Германија и сојузништво со Британците и Французите, па Венизелос практично ја поделил Грција на два дела, француските деца не учат дека Мажино линијата им била невидена глупост на неспособните генерали, а дека Хитлер стигнал преку Холандија и Белгија до Париз како на прошетка, при што повеќе негови војници загинале во несреќи отколку во борби.

Оттука, кога ги учите вашите деца на нивната национална историја, ги учите да не ги мразат другите народи, но ги учите на вашиот поглед на историјата. Македонија на македонскиот поглед, Бугарија на бугарскиот. Грците секако нема да пишуваат за Александар дека, според нив, тој и Македонија се грчки, ама можеби и не се грчки, бидејќи има и други погледи кои нам ни изгледаат поблиски до вистината, туку учат дека тие тврдења се кражба на дел од нивната и само нивната античка историја. Зар мислите дека ќе ги натерате Бугарите да напишат во нивните учебници дека покрај нивната вистина дека Гоце е Бугарин, има и вистина според која Гоце е Македонец, па малото Бугарче од 10 години само да си одбере?

Па, така, во старт го учите дека има некој друг кој сака да земе нешто што е негово. Не ви текнува нели? Да, и пишувањето на национална историја предизвикува поделби, таа не им се допаѓа секогаш на другите, но тоа не води до блокади, до затворање на граници и до хистерии како тие во Грција со милионските собири во Солун (се извинувам Теалоники) против Република Македонија. Цивилизираните земји не го прават тоа, туку тие разлики се решаваат на конференции меѓу историчарите, а не со политички уцени, закани и притисоци по што одбирате група историчари-поданици кои глумат некаква си експертиза.

Згора на тоа, како ќе чествуваме заеднички еден цар, како дел од заедничката историја (само по себе тоа е надвор до умот, зар не?), чие седиште било во Охрид. Не ви јасно, интелегенцијо академска наша, дека така Бугарите историски го околчуваат просторот? Дека на тој начин Охрид историски станува дел од Бугарија? Тоа што за 100 евра го прави секој геометар на еден плац, овде се прави со територијата на насилно инсталираната Северна (зашто поголемиот дел од Македонија си го околчија Грците, ама за тој дел Бугарите не смеат ни да гукнат дека е нивен), за малку повеќе од 100 евра, ама принципот е ист. Па угледајте се на Грција членка на ЕУ и НАТО. Демек, со сите демократски и цивилизациски нишани. Таа не рече – ајде заеднички да го чествуваме Александар! Не! Рече тој е наш, Македонја е наша, а вие сте северни и слободно може да си кршите главата.

Се разбира, во оваа ситуација не постои добро решение. Добро решение ќе беше да имавме луѓе со доблест кои нема да прифатат, историјата како наука да ја потчинат на политички потпис ставен врз некој договор. Но, такви имало и ќе има. А со оглед на тоа што никој не бара распуштање на тие комисии, останува, до некои идни времиња кога други нема да ни ја пишуваат историјата, меѓу лошите решенија да се избере единственото добро и возможно, а тоа е сепак да се опстои на ставот дека секој има право да ја пишува и толкува својата национална историја како што сака. А оној кој ќе продолжи да се занимава со таа наука, ќе може да ги прочува сите можни вистини кои во светот постојат и за Самоил и за Александар и за Гоце.

Се разбира, сите тие други вистини не треба да останат капсулирани меѓу тесен круг луѓе. Населението треба да знае дека Грците на овој или оној начин го присвојуваат Александар, дека Самоил и Гоце за Бугарите се Бугари, сето тоа треба да се објаснува, за да не доаѓаме до хистерии на комуњарите како кога покојниот Зоран Тодоровски го промовираше Дневникот на Крсте Мисирков, зашто сите тие факти имаат и свое објаснување.

А има што да се објаснува. Имаат и тие околу нас, но имаме и ние. Еден професор по Новиот завет на Јел универзитетот, Дел Мартин, добар раскажувач, но скаран со логиката, во предавањето на студентите за Грчко-римскиот свет, им вели дека Александар Велики бил Македонец, ама Грк и дека целиот свет во негово време бил грчки. Ете тоа е еден од погледите на светот. Дали и неговиот поглед ќе им го претставите на децата?. Но и тој на Борза, кој не е баш ист?
Плус, се чини дека и ова е некоја ујдурма, која загарската машинерија на СДСМ и ДУИ ќе треба да ни ја протне како разумен компромис, зашто пред година или две, еден од членовите на бугарската комисија истакна дека Бугарите имале забелешка на еден наш учебник во кој стоело дека црквата што во Филипи ја основал апостол Павле е првата македонска црква. Тие реагирале на тоа (немам поим што пак на Бугарите им е гајле како ја именуваме таа црква, но од друга страна, и тие како и Грците во корен го сечат секое поврзување на терминот „македонски“ со нас) и нашиот дел од Комисијата се согласил тоа да се избрише од учебниците. Демек, небањата била таа реченица, иако не е јасно што е спорно ако таа црква ја оквалификувате и како македонска, кога веќе е формирана на територија на Македонија, а формирана по повик на Македонец до апостолот! Па, дали некој тврди дека поглаварот на нашата црква, која сама се прогласи за ќерка на Бугарската Црква, е наследник на апостол Павле како што е тоа со папата за кого се смета дека е наследник на апостол Петар? Не! А, дека таа црква е првата македонска – е! Што е спорно во тоа? Грците ја сметаат за нивна, американски научници тврдат дека Лидија е Еврејка, ние имаме опера за неа како Македонка, Грците тврдат дека Лидија е античко грчко име… И?

Не знам, можеби можеле да додадат дека таа црква не е директно врзана со нас, дека од таа црква произлегле и грчката и бугарската и српската итн, ама веројатно се плашеле дека така може да се отиде во друга димензија која е забранета, па се согласиле реченицата да се избрише. Што значи дека, сепак, историските цензори, немаат намера да ги претстават сите исторски погледи за еден настан на децата (што само по себе е доволно катастрофално и малоумно) туку само оние погледи што ќе им бидат одобрени. А, кои се тие поглед можете да погодувате.

И за крај, за тезата дека ако сте против насилно инсталираното име и против тоа дека нашата историја е грчка до 7. век, а потоа бугарска до 1944 година, тогаш сте против ЕУ (и НАТО, разбира се), а штом сте против ЕУ, тогаш сте руски шпион. Што би рекол нашиот велепен новоименуван амбасадор во ООН, кому Америнците му рекоа „fuck off“ за местото во Вашингтон – моронска ви е загарската теза. Поглупа е и од самите вас. Но, барем го потврдува Ајнштајн за тоа што е бесконечно во светов, пишува Јаневски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.