Катица Јанева е еден од пипците на октоподот. Без нејзина поддршка и поддршката на Зоран Заев и други функционери од власта Боки 13 не можел да рекетира милиони евра од бизнисмени. Јанева ја завршува кариерата онака како и што ја почна. Политички и по нарачка се обидува да го минимизира рекетарскиот скандал што ја разголи целата власт на Зоран Заев и начинот на владеење изминатите години. Катица Јанева само за плата во овие четири години од граѓаните има земено преку 150.000 евра, а не почувствува потреба да одговори на прашањата што ја интересираат јавноста, истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Јанева практично призна дека СЈО го претворила во рекетарски бизнис и дека таму се сместени најголемите криминалци во државава вклучително со нејзе. Слушнавме дека знае и за други лица кои рекетираат во нејзино име, но Јанева одлучи да ги заштити и да не каже кои се тие, практично уште еднаш покажува и докажува дека она е соучесник и она им дава поддршка на тие лица да рекетираат и да го вршат тој криминал. И практично е виновна за тоа.

Катица Јанева одби да објасни и зошто лажела дека нејзиниот телефон е украден кога истиот телефон самата Катица Јанева наводно го подарила. Дали Јанева имала контакти со Заев, Кики или Фрики и за што разговарале со тој телефон? Катица Јанева не кажа дали одлуката да се укине притворот за бизнисменот Камчев е нејзина или одлука на обвинителката Лиле Стефанова? Катица Јанева не почувствува ниту срам, ниту одговорност за ова што се случува во моментов, но тоа што е потрагично во моментов е фактот дека ништо сомнително не гледа ниту обвинителката Русковска, практично се обидува да ги заштити, истакна Арсовски.

Како што додаде тој, низа нелогичности во постапката која ја води обвинителството во врска со аферата рекетарско-политичко-обвинителски октопод, покажува тенденција истиот да биде забошотен и практично да се заврши со минимална штета што е невозможно бидејќи целата јавност знае кој и како рекетира.

Истрагата е се освен непристрасна и професионална. Начинот на кој што Вилма Русковска ја води оваа истрага укажува дека таа има намера да ја заштити главата на политичко-медиумскиот-рекетарски октопод. Дали лажниот исказ на Катица Јанева даден во истрагата во врска со телефонот не е индиција дека и таа е инволвирана, односно и против неа треба да бидат преземени посебни истражни мерки односно ПИ мерки?

Дали Русковска со непокренувањето постапка против Катица Јанева свесно и остави време на Катица Јанева да ги уништи доказите и пораките што ги разменувала со оштетените, рекетарите или пак функционерите на СДСМ од кои ја добива поддршката?

Дали бришењето пораки од апликации е причината поради која не е побаран и телефонот од Зоран Заев? И дали неговата комуникација со Катица Јанева, Боки 13, Кики и Фрики е главната причина поради која што Заев го смени бројот и протоколите односно начинот на комуникација?

Очигледно е дека Боки 13 не е најголемиот мафијаш во државава. Се знае во државава кој е капо ди тути капи и заради кого се плаќа рекет. Боки 13 е само извршител, или само еден од пипците на овој октопод.

Веќе и на малите деца им е јасно дека ова е многу повеќе од индивидуален обид на Боки 13 да рекетира. Рекетарските и криминални приказни во јавноста опфаќаат многу имиња како Кики и Фрики, но и нови како Раки, Шеки, Џеки, Каки, Заки, Трики и кој уште не, што најверојатно јавноста многу брзо ќе ги дознае. Секој што помага да се забошоти случајот ќе одговара за своите постапки кога ќе биде вратена правната држава, а тоа ќе биде многу брзо. Бидејќи ваква голема афера и вакво криминално дело односно кривично дело не застарува и сите ќе одговараат, заврши Арсовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.