Премиерот на Бугарија Стефан Јанев за време на заедничката прес-конференција со неговиот македонски колега Зоран Заев рече дека како соседи и братски народи ни треба постојана комуникација и размена на мислења.

Во рамките на овие разговори, нема да бидете изненадени што главна точка за која зборувавме е европската перспектива на Република Македонија, рече Јанев.

Тој додаде дека политиката на Бугарија е непроменета многу години наназад. Како што јави дописникот на МИА, Јанев коментира дека Бугарија цврсто ги поддржува Македонија, Албанија и Западен Балкан на патот кон пристапувањето во ЕУ. Но, според него, најпрво треба да се расчистат проблемите за да не ги внесуваме во ЕУ.

Констатиравме дека во моментот имаме прозорец на можноста да работиме на нерешените прашања што ги имаме досега, особено на спроведувањето на Договорот за соседство, целта ни е да создадеме поволно опкружување на доверба и пријателство, отворен дијалог, додаде Јанев, кој рече дека делегацијата на Заев дошла со конкретни предлози за кои ќе се разговара.

Одговорноста е на политичарите, рече бугарскиот премиер Јанев и истакна дека историската комисија има одговорност пред политичарите кои ја назначиле.

Бугарскиот премиер Стефан Јанев коментира дека постојат политички можности, а првиот услов е потребата од дијалог.

Бугарија, според него, прави сè што е можно за да се најде решение, кога и како тоа ќе се случи зависи од различни фактори кои сите ги знаете, додаде тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.