Ние имавме средба со претседателот Мицкоски, со коалицијата и договорено е да се даде прво шанса да не влеземе во голема криза, да не ја соборуваме Владата туку да одиме на нови предвремени парламентарни избори. Ако тоа не сака да го прифати Социјалдемократскиот сојуз и Заев тогаш ќе се оди на ново парламентарно мнозинство. Сакавме што побезболно да ја поминеме оваа работа и овој временски период, истакна Стевче Јакимовски, градоначалник на општина Карпош и претседател на политичката партија ГРОМ при своето гостување во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа телевизија.

Јакимовски додаде дека според неговото политичко искуство за Заев и неговата партија би било подобро што побргу да одат на избори и да го пресечат овој бран. Бидејќи подоцна бранот би бил уште поголем за Заев и неговата партија.

Снежната топка кон Заев и СДСМ е тргната, а ако не ја запрат на стартот, потоа ќе добие преголема сила и мислам дека дури нема да биде добро за идната опозиција да има толкав слаб резултат на наредните парламентарни избори. И затоа е подобро и за нив и за општеството е подобро да се оди што побрзо на избори. Јас од мои сознанија како што ги имам мислам дека они тактизираат веројатно да довршат некои работи и дека до крајот на годината дека тој ќе поднесе оставка, појасни Јакимовски.

Јакимовски посочи дека нема веќе нормално функционирање на оваа Влада на Заев, оддалеку се гледа дека оваа Влада е веќе пред заминување.

Ако си делегитимиран на локалните избори, и голема е разликата, ако веќе немаш мнозинство дури и пата пата да си, секој нормален премиер и нормално владино мнозинство или би дало оставка или би се формирало ново парламентарно мнозинство. Ако мислиме за интерес на граѓаните и на државата Заев до сега требаше да си даде оставка, заклучи Јакимовски.

Јакимовски рече дека ова што Заев сега го прави е голо одржување на власт, а тоа докажува дека тој воопшто не мисли за доброто на граѓаните и за државата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.