Претседателот на Граѓанската опција за Македонија која е дел од коалицијата „За обнова на Македонија, Стевчо Јакимовски на протестот пред зградата на Владата, порача дека во овие ладни денови се собираат за да го спречат националното предавство коешто неколкумина во Владата сакаат да го направат на Македонија и на македонскиот народ.

Јакимовски ги повика сите граѓани на Македонија да се обединат и да се сплотат за да го спречат премиерот Зоран Заев во распродавањето на македонските национални обележја, дотолку повеќе затоа што уште при крајот на Втората светска војна, Бугарија сакала  да спроведе попис на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија и да го даде на Југославија округот на Благоевград затоа што Бугарија не го сметала за нивен, а нас Македонците не сметала за паричка за поткусурување.

Јакимовски истакна дека со Бугарите не може да се преговара за историја затоа што тие историјата ја толкуваат како сакаат во зависност од околностите, како на пример кога требало да платат репарација за окупацијата на Македонија тие го давале и Цар Самоил дека е македонски Цар, за Заев сега на тацна да го направи бугарски.

Тоа само кажува дека како им одговара – така си ја толкуваат историјата. Кога требало да плаќаат 25 милиони долари репарации, само за окупацијата на Македонија, што денеска е еквивалент на 25 милијарди долари. Пиринска Македонија ја давале да се приклучи кон Југуславија затоа што не ја сметале за нивна, секогаш нас Македонците не сметале за своја монета за поткусурување – изјави Јакимовски.

Тој додаде дека човекот што денес е на власт во Република Македонија, со ваквиот однос, со ваквиот сервилен став и со неговите попуштања ќе направи голем проблем на Балканот, затоа што сите земји ќе се замешаат и ќе ги поставуваат како услов историјата за да не може овој Балкан никогаш да се интегрира.

Штетата која што ја предизвикува Социјалдемократскиот сојуз не е само македонска туку е и балканска. Затоа ве повикувам сите граѓани на Република Македонија без разлика на вера, нација и политичко убедување, да се обидиниме и да покажеме сила и да ја одбраниме Македонија – повика Јакимовски од пред Владата.

Тој истакна дека од власта лажат кога велат дека не се преговара за идентитетот и за јазикот, дека не преговараат за од 1944 наваму, но преговараат за македонскиот идентитет и јазик до 1944 година.

Очекувам во наредниот период протестите да се зголемуваат и покрај тоа што распродавањето го прават во време на корона, еднаш ова го правеа на најсветлиот ден за македонскиот народ, на ден Илинден кога сите се на одмор го потпишуваат најсрамниот договор за Македонија – потенцира Јакимовски, кој додаде дека тој е длабоко убеден дека чепкањето во историјата,  ќе биде крајот не само на Зоран Заев туки и на Социјалдемократскиот сојуз.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.