Професорката Елка Јачева-Улчар, една од потписниците на писмото на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ за Законот за јазиците, во гостувањето во вестите на телевизија Алфа истакна дека јазик за комуникација во нашата држава е македонскиот јазик. Таа напоменува дека дури и со Законот за употреба на македонскиот јазик се предвидува дека секој кој живее во Македонија треба да го зборува македонскиот јазик. Според неа со новиот Закон за јазици се избегнува познавањето на македонскиот јазик, за што, како што вели таа, доказ е непознавањето на македонскиот јазик од страна на новите генерации Албанци.

Улчар потенцира и дека со ваквото законско решение се ставаат во подредена положба сите оние кои што говорат јазик различен од македонскиот и албанскиот, а македонскиот јазик како официјален јазик на оваа држава во целиот текст е споменат само еднаш. За професорката ова законско решение е политичко, а Законот за употреба на јазиците од 2008 година е многу подобар и поконзистентен од решението кое се нуди сега.

Самиот закон од самото донесување на законот беше обоен со политички бои. Ние имавме закон за употреба на јазиците од 2008 година и тоа моите колеги многу убаво образложија при една средба со премиерот во Владата на Република Македонија, образложија дека всушност тој закон од 2008 година е многу подобар и многу поконзистентен отколку овој закон од 2017 година, кој не знам од кои причини требаше да се донесе по брза постапка со европско знаменце. Од она што можевме да го прочитаме, се работи за еден прилично конфузен и расплинет текст. Тој закон, според моето и според мислењето на другите колеги лингвисти, воведува двојазичност на целата територија на Република Македонија во услови на непостоење на таква двојазичност, вели Учар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.